Бејрут ноќеска беше мета на еден од најмасовните израелски воздушни напади од 23 септември. Кон либанската престолнина се истрелани бројни ракети кои предизвикаа силни експлозии и тресење на зградите. Според американската новинска платформа Аксиос, која пренесува тројца израелски официјални лица, мета бил Хашим Сафиедин, роднина на убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала кој се смета за иден лидер на проиранска милитантна група.
Началникот на Генералштабот на израелската војска, Херзи Халеви изјави дека сите цели биле погодени. Но, најави продолжение на ударите по позиции на Хезболах, се до уништување на инфраструктурата на организацијата долж границата што го истакна како услов за враќање на евакуираните жители во северниот дел на земјата.
Освен населби во јужниот дел на Бејрут, според либанските безбедносни служби, неколку експлозии го потресоа и подрачјето околу аеродромот во главниот град и градскиот кварт Бахур, во близина на парламентот. Според либанското Министерство за здравство, во последните 24 часа загинале 37 луѓе додека повредени се 51. Во израелски напади, пак, на Западниот брег загинаа 18 луѓе.
Хезболах возврати со лансирање на ракети врз градови на северниот дел на Израел. Сирени за опасност од воздушен напад се огласија во Хаифа и во Кирјат Шмона од кои најголем дел, според израелските сили, се пресретнати и соборени. Една, сепак, го проби израелскиот штит и заврши во автоработилница во Шмона, но нема информации за повредени или загинати лица.
Сашко Димовски











