Тони Аврамовски пред два месеца во битолската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ги поднесе документите за остварување право на пензија, но се уште нема добиено решение. Во филијалата во Битола каде имаше 25 вработени, сега останати се само 7 кои не можат да престигнат и да ги завршат сите обврски. Заедно со Аврамовски уште речеси 400 граѓани кои стекнале право на пензија неколку месеци чекаат решение, иако законскиот рок е 30 дена. Сега се и без пари и без здравствено осигурување.
-На 18 август поднесов документи за остварување право на пензија. Немаат вработени не можат да ги обработат документите. Од Битола пуштени се во Прилеп, од Прилеп вратени се назад. Немаме право на здравствено осигурување и немаме финансии, вели Тони Аврамовски.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Никола Мемов денеска дојде во битолската филијала и рече дека се преземаат мерки за надминување на проблемот. Затекнал дисбаланс на вработувањата во сите филијали низ државата, но најалармантна е состојба во Битола и веќе се договорени првите чекори за да се намали долгата листа на нерешени предмети.
-Под итно да се пратат барања за согласност во Министерство за финансии и да се ангажираат овде во Битола минимум 5 извршители. Сега направивме распоред и договор на луѓето кои можат најефикасно да ги решат овие предмети. Има 380 предмети, дел ќе се решаваат тука, а дел ќе бидат прераспределени во другите филијали на дравата, изјави Никола Мемов, директор на ПИОМ
Мемов кажа дека трајно решение за недостигот на вработени во Битола но и другите филијали низ држават ќе се бара следната годините.
Емилија Мисирлиевски











