Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Брисел му понуди на Трамп „нула за нула“ царинска шема

/

пред 559 дена

Сподели преку :

Брисел му понуди на Вашингтон „нула за нула“ царинска шема за индустриски добра, порача денеска претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, повторувајќи дека ЕУ е подготвена да преговара. И покрај оваа подадена рака, унијата нема да се двоуми да ги одбрани своите интереси, предупреди претседателката.

„Европа секогаш е подготвена за добар договор и затоа ова го ставаме на масата. Но, исто така сме подготвени да одговориме со против мерки за да ги одбраниме нашите интереси“ изјави Урсула фон дер Лајен – Претседателка на ЕК.

Пред речиси една деценија САД и ЕУ беа блиску до укинување на царините за индустриските добра, како дел од Трансатлантското партнерство за трговија и инвестиции, но тие преговори беа прекинати од Доналд Трамп кога стапи на функцијата во неговиот прв мандат.

Укинувањето на царините за индустриските добра ниту тогаш не беше сметано за спорно прашање, тоа што ги отежнуваше преговорите беа царините за земјоделските производи и безбедносните стандарди.

Унијата наплаќа само 1,6 проценти царини за не земјоделски производи, но царината за увоз на американски автомобили изнесува 10 проценти, и САД се единствената држава за која има царини, и тоа токму затоа што договорот за трансатлантското трговско партнерство никогаш не беше комплетиран.

По завршувањето на состанокот на министрите за трговија во Луксембург, еврокомесарот за трговија Марош Шефчович најави дека во царинската шема „нула за нула“ може да бидат вклучени и автомобилите.

„Да бидеме на јасно, за договор со САД ќе бидат потребни и време и напори. Во моментов сме во раната фаза на разговори бидејќи САД не ги гледаат царините како тактички чекор, туку како корективна мерка. Подготвени сме да седнеме на преговарачката маса во моментот кога нашите американски партнери ќе бидат подготвени“ изјави Марош Шефчович – Еврокомесар за трговија и економска безбедност.

Шефчович порача дека Унијата уште пред еден месец има подготвено робусна листа со мерки како одговор на 25-те проценти царини за челик и алуминиум.

„Иако ЕУ останува отворена и целосно претпочита преговори, нема бескрајно да чекаме. Сѐ додека не видиме конкретен напредок ќе работиме на три пристапи. Ќе го браниме нашиот интерес преку против мерки, ќе ја диверзифицираме нашата трговија преку нови трговски договори и ќе спречиме штетни трговски диверзии“ соопшти Марош Шефчович – Еврокомесар за трговија и економска безбедност.

Подадената рака на Унијата доаѓа откако минатата недела Трамп воведе 20 проценти царини за ЕУ и цела низа други трговски партнери, поставувајќи ги најсериозните бариери во последните 100 години за увоз на производи во САД.

Овие мерки на Трамп предизвикаа паника кај инвеститорите и финансиските пазари, кои за неколку денови изгубија милијарди долари и евра од својата вредност.

Иако европските берзи го доживеаја најсериозниот пад од почетокот на ковид пандемијата, Брисел се одлучи на стрплив пристап надевајќи се да ги седне Американците на преговарачка маса.

Игор Трајков