Бугарија денеска ги одржува седмите парламентарни избори од 2021 година, во обид тие да доведат до стабилна влада, откако во три години државата се соочи со две влади кои се поднесоа оставки, првата по година и половина мандат, втората по само девет месеци, додека остаток од времето државата ја води техничка влада.
Според предизборните анкети, недовербата на Бугарите во изборите ќе резултира со рекордно низок одѕив на гласачите, од 31,1 процент излезност. Анкетата на Галуп покажа дека само 10 проценти од Бугарите веруваат во интегритетот на нивните избори, што е најниско во ЕУ, каде што просекот е 62 отсто.
Гласачите кои пак денеска излегоа да гласаат сепак имаат надеж за промени.
Доаѓам со некоја надеж. Длабоко сум разочаран од овие постојани избори, бидејќи нема алтернатива, само гласање, гласање и ништо, вели Цветан Владимиров, гласач и жител на Банкија.
Клучната порака од бугарските политичари на денот на гласањето беше токму за што помасовна излезност.
Најважно е денеска да се гласа. Сите сакаме да се стави крај на овој исцрпувачки маратон на континуирани избори, но да имаме одржлив и функционален парламент, да имаме не само редовна, туку ефективна редовна влада која ќе носи храбри одлуки и ќе ја води земјата кон реализација на целите значајни за нацијата. Важно е овие две институции – парламентот и владата – да имаат соодветен легитимитет, изјави Румен Радев, претсдател на Бугарија.
Главните претенденти за освојување на власта го искористија денот за уште малку кампања.
-За време на оваа кампања посетив многу региони, градови и села. Луѓето сакаат да има влада, безбедност и стабилност. Ние не покажавме само што направивме, не кажавме само што ќе правиме, туку и како ќе го направиме тоа, изјави Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, по гласањето.
-Гласав за продолжување на политиката на зголемување на приходите и пензиите, за млади семејства кои имаат шанса да ги одгледуваат своите деца во Бугарија, за млади кои сакаат да останат во Бугарија да студираат; за здравствена заштита без партиципација; продолжување на антикорупциската политика без компромиси и се надевам со влада по формулата што ја предложивме, изјави Кирил Петков, лидер на Промените продолжуваат.
Аналитичарите пак очекуваат во новото бугарско собрание да влезат три главни групи партии.
Првата група се клептократските партии предводени од до неодамна владејачката ГЕРБ, која е и првата политичка сила чиј лидер и поранешен премиер е одговорен за спроведување на корумпираниот модел во Бугарија. Втората група што може да ја наречеме демократска се партиите кои на некој чесен начин се обидуваат да ги одбранат каузите за правдата и либералната демократиј; и трета група партии кои отворено се про-Путин, вели Стојана Георгиева, аналитичар од Медиапул.
Георгиева очекува по изборите да се формира влада меѓу клептократските партии кои се уште имаат проевропски и проукраински позиции за да се формира некаква владина конфигурација со демократите.
Анкетите за рејтинзите на партии пред изборите покажаа предност на партијата на Борисов со 26,1 процент од гласовите, додека за второ место во тесна трка се партијата на Петков со 16,2 проценти и проруската Преродба со 14,9 отсто од гласовите.
Тамара Грнчароска











