Скопје ги брои последните часови до најдолгата ноќ во годината, а последните подготовки за дочекот влегуваат во финишот.
Плоштадот вечерва ќе биде паузата помеѓу старата и новата година и вака го менува ликот од секојдневие – во сцена за прослава.
Градската прослава започнува во 19:45 часот со повеќе музички имиња, а влегувањето во новата година ќе го одбележи Каролина Гочева со својот настап.
Сончевото и ведро време, иако студено, ги намами скопјани уште во првиот дел од денот да дојдат на плоштадот и да започнат со прославување на новата година, со греано вино во изобилство. Бината е наместена и последните подготовки за новогодишната вечер се во тек.
Насмеани, ведри, расположени луѓето во последните часови од 2025 година. Желбите и очекувањата за следната се бројни, но донекаде и слични.
- „Среќа, разбирање и љубов премногу да има меѓу сите. И слога. Тоа е најубаво. Ако има љубов и слога, напредок и позитивна енергија тогаш може и општеството да напредува.“
- „Мир во светот.“
- „Па прво здравје како најважно. А, друго – да ми се живи и здрави децата и внуците.“
- „Да имаме здравје, љубов, среќа на сите млади и мир во светот. Тоа посакувам.“
- „Пред се здравје, па другото ќе си дојде само по себе. И Вардар шампион во ракомет и фудбал,“ рекоа граѓаните.
Децата имаат свои посебни желби:
- Јас сакам Лего. Големо.
- А, јас посакувам шарен папагал со кафез.
- Јас си посакувам желка, рекоа тие пред камерата на Телма.
Оние кои уште се подготвуваат за празничниот период, растрчани по пазарите. Набавките се прават или се дополнуваат, трпезата се подготвува.
- „Се трудиме да завршиме нешто, колку можеме толку. Колку нѝ дозволува здравјето толку. Оваа година за нас постарите е иста како секој друг ден така што не се замараме многу со тоа.“
- „Сега само онака блиц-посета на пазарот поради овошје. Инаку завршени се набавките.“
- „Многу е намалена куповната моќ, цените растат, а платите и пензиите – полека.“
- „Апослутно е падната куповната моќ, но граѓаните си купуваат како што било случај и во изминатите години,“ велат граѓаните.
А, додека денот сè уште трае, кафаните и другите локали одамна ја започнаа ноќта. Таму часовникот не брза — таму времето се пие на голтки.
Петар Догов
Б.С.











