Далеку од дома, но со срцето во Македонија. Македонците, околу 300 на број, кои живеат во живописниот град Литлхемптон, на 84 км југозападно од Лондон, се обидуваат да ги зачуваат македонскиот јазик и традицијата. Со децата дома разговараат на македонски,а се потрудиле тие да добијат и можност, еднаш неделно, по еден час, да ги изучуваат азбуката, граматиката, јазичните правила и културата.
Наставничка,која пред да дојде на островот, 10 години предавала во Македонија, од јануари годинава ја продолжила праксата и во Литлхемптон. На дваесеттина деца им држи часови, на почетокот волонтерски, а сега со помош на донации.
„Се финансираме од наши донации,од родителите, од црковното друштво, а јас и волонтирав првиот месец. Се снаоѓаме со материјали, јас им принтам, ја изготвувам програмата, немаме учебници. Би било добро да добиеме книги на македонски јазик, за деца и тинејџери“вели Елизабета Лелејкова Зашева, наставничка по македонски јазик.
Друга млада жена,која се труди да го зачува фолклорот, сама обезбедила народни носии за играорната група.
„Има голем интерес за играорната група.Проблем е што децата се од различни генерации, но се снаоѓаме, се трудиме да постигнеме максимален успех. Се финансираме самите, организиравме добротворен концерт и од тие пари набавивме 15 народни носии од Источниот регион, од Истибања, каде јас бев дел од фолклорниот ансамбл „Китка“, вели Даниела Анчев, наставничка по фолклор.
Еден од проблемите со кои се соочуваат е ригорозниот визен режим, поради кој е тешко семејствата и роднините од Македонија да им дојдат на гости. Но и тука се снаоѓаат како знаат и умеат.
„Ќерка ми беше учителка во Македонија, се заљуби и не ја пуштаа да дојде. Јас ангажирав адвокат, љубовта никој не може да ја спречи, и така попуштија, ќерката ми дојде“ ни раскажа Петре Стојановски.
Горан Митески, чии родители живеат во Македонија смета дека би било добро кога старите лица не би се малтретирале толку за да добијат виза да си ги посетат децата.
Верските обреди ги вршат во црквата „Свети Ѓорѓи„, која им е дадена на располагање иако е католичка, а слободно ги користат и помошните простории за разни собири. Ги оставивме со чувство дека младешкиот ентузијазам ќе го зачува идентитетот на новите генерации и покрај нивната интеграција во британското општество, бизнис-секторот и културниот живот.
Далиборка Демјанска











