Данскиот крал Фредерик побара од премиерката во оставка, Мете Фредериксен, која е лидерка на Социјалдемократите, во својство на „кралски истражувач“ да ги води преговорите за формирање нова владејачка коалиција со две левичарски партии, соопшти кралската палата.
Мете Фредериксен претходно денеска поднесе оставка од функцијата премиерка за време на состанокот со данскиот крал Фредерик, откако претходно беа објавени резултатите од парламентарните избори. Нејзината оставка беше очекуван и вообичаен потег, бидејќи започнува процесот за формирање нова данска влада, особено затоа што досегашната трипартитна влада го нема потребното мнозинство за продолжување на работата, со освоени 70 места во новиот парламент, што е далеку помалку од потребните 90, наведува „Гардијан“.
Со освоени 21,9 отсто од гласовите и со тоа 38 места во претстојниот нов состав на парламентот, Социјалдемократската партија е најголема во парламентот, но ова беа и најлошите избори за таа партија од 1903 година, пренесе претходно данската телевизија.











