Уште мириса на изгорено на местото каде што вчера беснееше големиот пожар во поранешниот „Макотекс“ во Карпош 4. Ден по пожарот, остатоците од некогашниот магацин изгледаат уште пострашно. Од објектот остана само урнатини. На терен утрово беше и екипа од Крим-техника за да ја утврди причината за пожарот. Експертите предупредуваат на здравствен ризик. Деканот на Градежниот факултет вели дека азбестот не согорува целосно, но поради тоа што е оштетен од пожарот, мора итно да се расчисти зашто претставува директна опасност за околината.
„Азбестните влакна доколку се слободни во воздухот може да бидат опасни по здравјето на луѓето, а особено за нивните дишни патишта. При пожар или нивно механичко оштетување може да се случи да се одвојат од цементната паста и на тој начин да предизвикаат проблем за околината. Токму затоа треба тие азбестни материјали да бидат отстранети“, изјави Горан Марковски, декан на Градежен факултет.
Жителите од Карпош исплашени побарале помош од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“. Стравуваат од нови градежни зафати и од тоа што при пожарот изгоре и азбестниот кров, како и разни бои и лакови.
„Секогаш кога настануваат вакви пожари се појавуваат и сомнежи за намерите на истиот. Овде каде што се случи пожарот ќе дојде момент кога таму ќе биде борба да се изгласа ДУП каде ќе има згради и деловни простории“, изјави Татјана Стојановска, „Независни за Карпош“.
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски пак потврдува дека согласно деталниот урбанистички план, на местото на „Макотекс“ ќе никнат станбени и деловни објекти.
„Според новиот урбанистички план таму ќе има мешана намена домување и деловни објекти“, изјави Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош.
Во претпладневните часови вчера за неколку минути изби голем пожар во магацинските простории на некогашната фабрика „Макотекст“. По неколку часовна борба со огнот пожарникарите го ставија под контрола.
Лекарите предупредуваат дека азбестните плочи се опасни затоа што при оштетување и горење испуштаат микроскопски влакна кои лесно се вдишуваат. Тие влакна можат да предизвикаат сериозни заболувања на белите дробови, па дури и карцином, дури и години по изложувањето.
Тамара Марковска











