Австриските власти соопштија дека го прекинуваат финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА) по обвинувањата на Израел дека дел од вработените се инволвирани во нападот на Хамас на 7 октомври на израелска територија. На таков претходно се решија и САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада, Австралија, Италија, Финска, Јапонија и Холандија.
Агенцијата УНРВА е формирана од Обединетите нации по арапско-израелската војна во 1948 година, со цел да се овозможи хуманитарна помош за раселените Палестинци. Агенцијата од тогаш обезбеди помош за четири генерации на палестински бегалци. Најмалку 152-ца нејзини службеници се убиени во Газа од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел.
Палестинскиот премиер на Западниот брег апелира да продолжи меѓународната помош за Агенцијата на ОН. Мохамад Штаје ја опиша одлуката на некои западни земји – донатори да прекинат со финансирањето како „исклучително опасна“, а самиот изјави дека е „екстремно шокиран“. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди дека без соодветни средства за Агенцијата, помошта за над два милиони Палестинци во Газа ќе биде намалена. Одлуката на дел од западните земји да го прекинат финансирањето на Агенцијата на ОН ја осуди и египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри.











