Дел од децата во основните училишта во Карпош од прво до четврто одделение се заразени со салмонела, потврдија од Државниот санитарен инспекторат. Децата јаделе храна од фирмата која и досега ги снабдувала училиштата. Потоа се пожалиле на стомачни болки. Во Центарот за јавно здравје, вчера, биле стигнати седум пријави за заболување од заразната болест по што денеска се извршија вонредни инспекциски контроли во училиштата.
-Во тек на денешниот ден ДСЗИ во соработка со преставници од ЈЗУ ИЈЗ, ЈЗУ ЦЈЗ и АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори во објектите кои се засегнати со конкретната состојба со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување, соопштија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Телма стапи во контакт со дел од директорките на училиштата кои ја потврдија информацијата, но апелираат до родителите да останат смирени затоа што ситуацијата не е сериозна. Децата и денеска имаа редовни часови. Родителите не беа известени дека ќе има инспекција и не им подготвиле ништо за јадење на децата. За појадок тие добија двопек и вода, а ручек немаше поради што на тие што беа гладни им беше дозволено да си отидат дома.Потврдени се девет случаи на заразени деца.
-Во ООУ “Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ “Јан Амос Коменски” од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна, само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ “Владо Тасевски” има потврдени 5 случаи од 1. до 4. одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште, соопштија од Општина Карпош.
Сите училишта каде што има заразено ученици, набавуваат од Ванила фуд. Фирмата нема да испорачува следните неколку дена додека не пристигнат резултатите од анализите.
-И ние како и сите во случајот сме вознемирени од појавата на салмонела и учествуваме заедно со институциите за да се најде изворот на заразата. Се работи за изолирани случаи, отворени сме за сите видови тестови кои треба да се направат, денес се земаа анализи од кај нас, не знаеме дали се земале и од другите места кои може да се потенцијален извор. Резултатите од кај нас ќе бидат готови другата недела, сега располагаме со записници од денес кои се уредни и анализи од минатиот месец кои се сосема уредни. Да ги почекаме резултатите кои ќе ни дадат појасна слика за проблемот, соопштија од Ванила Фуд.
Салмонела е бактерија која се пренесува преку недоволно зготвена храна што содржи јајца, месо и млеко.
Тамара Марковска











