Дишеме отров во концентрации алармантни за здравјето. Мерењата не држат високо на европскиот врв, а властите проблемот го одлагаат ветувајќи решенија за некоја година. Што мора итно да се стори?
Во Вин-Вин дебатираат Даме Димитровски советник на премиерот и Јане Димески екоактивист од Шанса за Центар.
Јане Димески, екоактивист и советник од Шанса во Општина Центар во Вин-Вин изјави:
„Недостасува комуникација меѓу државата, општините и граѓаните. Нас особено не иритираше периодов префрлање одговорност. Секој во оваа приказна има што да сработи. Кога видовме колку општините во Скопје имаат сопствени објекти коишто им се на нафта, а потоа кога ќе ги прашаат што правите за загадувањето велат тоа градот, а градот вели министерството, а всушност секој има што да прави. Ја туркаме трета година активноста за попис на домаќинствата на што се греат во Општина Центар. Тој попис трета година ни стои во програмата за животна средина, а општината не сака да даде пари да се спроведе тој попис.“
Додека Даме Димитровски, советник на премиерот за животна средина и клима додаде:
„И претходните влади зборувале, но потребно е 10 години работење, проекти, вложување, инвестиции и жртва на други места за да може да ја работиме оваа зелена агенда, или да работиме на квалитетот на воздухот. Не е дека сме специфичен случај во светот. Лондон својата битка ја води 100 години и се гордее што ја води толку долго, Пекинг пред 10 години ја започна својата битка, и го намали загадувањето за 35 проценти, притоа вложи огромни средства, ги вклучи сите системи во државата, да не зборувам за Лос Анџелес, за Мексико Сити, за Њу Делхи.
Јас сум сигурен дека ако пред 10 години сме ја започнале оваа битка сега ќе се наоѓавме на трети или четври чекор од оваа битка, сега сме на почеток, но се надевам дека ќе видиме сега посветеност и работа и во иднина ќе видиме резултати.
Системот во моментот е така поставен, таков е комплициран и многу од загадувачите наоѓаат оправдание во тоа. Во суштина и невладините и јавноста да ги искористат своите механизми за да можат да направат притисок да го добијат правото за чиста здрава средина и чист. Да идентификуваме кој вистински загадува и да ја најдеме својата улога и да дадеме својот придонес.
Во изминатите години се направени многу студии и од каде доаѓа загадувањето, односно од каде доаѓаат ПМ честичките. Од истражувањата UNDP, Светска банка Финската студија укажуваат дека најголем загадувач е согорувањето на цврсти горива во домаќинствата. И тоа е големиот слон во оваа слаткарница со кој треба да се бориме.“











