Министерката Димитриеска-Кочоска во интервју на „360 степени“ првично ги потврди очекувањата на претседателот на владата дека „секоја компанија треба да има малку и општествена одговорност, а банките, пред сè, бидејќи имаат големи профити“.
Понатаму, Кочоска откри детали дека на состанокот што го имале, банките генерално кажале дека не би се согласиле да субвенционираат дел од каматата.
„И рековме во ред, на крајот од денот не правиме ние нешто поразлично од која било претходна влада што го направила, но целта беше да ја поделиме таа општествена одговорност“, вели Кочовска, која посочи дека сепак, во целата таа ситуација, се појавила банка која, на посебен состанок со премиерот, кажала дека е спремна да учествува со дел од субвенционирањето на каматата.
За која комерцијална банка станува збор, Кочовска не откри. Но, затоа посочи дека теоретски, сите пари може да одат преку една банка, ако останатите не прифатат. Според министерката, во тој случај не би имало ништо спорно, но преферираат поголема вклученост на банкарскиот сектор.











