Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Сведочење на инспектор: „Пулс“ не ги исполнувала безбедносните противпожарни услови, а сепак работела

/

пред 208 дена

Сподели преку :

Немало доволно ПП апарати, хидрантот за вода бил празен, немало црево, ниту аларми за пожар. Ова денеска го сведочеше инспекторот од Дирекцијата за заштита и спасување, Дарко Стојков, на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Тој бил надлежен за Виница, а доколку добиел наредба од директорите или главниот инспектор, тогаш можел да прави инспекциски надзор и во Кочани.

Од 2012 година, како што рече, таму немало инспектор, а сите директори знаеле за ваквата ситуација.

За надзор, пак, после настанување на пожар имал овластувања и токму поради тоа бил дел од екипата која го вршела увидот. Според него, објектот не ги обезбедувал основните потреби за заштита и спасување од пожар, немало излез за евакуација, а и таа задна врата што ја имало, била премала, не ги исполнувала условите и била заклучена. Излезот, пак, и бил блокиран со ограда и брег.

„Болно е ова малку, црни саѓи и уште што немаше на влезот. Меѓутоа кога влеговме внатре имаше само два ПП апарата, што е недоволно, празен хидрант, нема вода, нема црево, нема млазници, нема систем за јавување за пожар. И најболната работа, задната врата заклучена од внатрешната страна, немаше квака, а плус тоа заклучена со катанец, зборувам за помошниот излез. Ова се забележи без разлика што пожарникарите веќе ја имаа скршено за да можат да влегуваат“, рече сведокот Дарко Стојков, инспектор во ДЗС Виница.

Во судскиот процес обвинети се и четворица поранешни директори на ДЗС. Тоа се Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Џеват Селами и Беким Максути. Адвокатот на Џаферовски, Ѕвонко Давидовиќ вели дека на прашањето зошто до ден-денес нема инспектор, треба да одговори владата.

„Затоа што за сите вработувања, знаете дека се потребни и одобрувања од министерството за финансии, пари, работно место, итн. Ова не е едноставен, туку е комплексен проблем, кој задира воопшто во односите во државата. И начинот на кој се пополнуваат местата и на кој се гледаат определени работи и ситуации, како се справуваме, со нив не е решен. А тоа е многу тежок начин и надвор од законот“, изјави Давидовиќ.

На рочиштето сведочеше и Трајче Димишковски кој бил дел од обзбедувањето во дискотеката. Раскажуваше дека од Скопје одел на испомош во други градови, а и Нацев кој е неформален сопственик на агенцијата за обезбедување доаѓал со нив.

Инаку за пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе се обвинети 35-мина.

Со денешното сведочење започнаа сведоците кои доаѓаат од институциите од каде има обвинети градоначалници, директори и министри, а обвинителството најави дека ќе го намали бројот на сведоци кои првично го предложи.

Билјана Николовска Тодорова