Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ќе ја одржи својата 21. седница, на која на дневен ред е и изборот на нов заменик-претседател.
Сепак, изборот на нов претседател на Антикорупциската комисија ќе биде ставен во мирување поради законските ограничувања во изборен период.
Иако веќе беше формирана селекциска комисија составена од пратеници, претставник на Омбудсманот и двајца членови од невладиниот сектор, нивната работа ќе остане во мирување до завршување на изборниот период на 3 ноември.
Ова следи по оставката на досегашната претседателка Татјана Димитровска, која се повлече откако беше обвинета за оддавање службени тајни.
Селекциската комисија ќе ги разгледува кандидатурите кои ќе пристигнат до петок, но бодувањето и изборот на нов претседател ќе се одложат. Членовите вклучуваат пратеници од власта и опозицијата, заменик-народен правобранител Илбер Руфати и претставници на граѓанскиот сектор Дарко Аврамовски и Бардил Јашари.
Изборот на Димитровска лани беше проследен со контроверзии – таа доби максимални поени од пратениците, но слаби оценки од невладиниот сектор.
Нејзината оставка и обвинението што следуваше ја ставија под прашање досегашната практика и транспарентност во изборот на антикорупциски функционери.











