Во тек е рехабилитацијата на втората група на повредени во кочанската дискотеката „Пулс“. Четириесет и пет млади луѓе петти ден престојуваат во одморалиштето на МВР на Пониква. Директорката на Општата болница Кочани, Катерина Мирчовска вели дека кај добар дел од повредените има значително подобрување во моториката.
Четворица физиотерапевти од штипската и кочанската болница секојдневно работат со нив, а со нив се и специјалист-физијатар и специјалисти од Пластична хирургија од Скопје кои го следат развојот и заздравувањето на лузните. Со нив се и психолози коишто три дена во неделата организираат групна психолошка поддршка, а можат да имаат и индивидуални средби со психолозите.
„Кај поголем процент кај нив има значителни подобрувања на целокупниот фонд на движења. Се врши проценка од физијатар од КБ Штип, кој врши проценка дали треба некаде да се менува теркот на физикалната терапија. Подобрување има и во психолошкиот момент“, изјави д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, директор на Општа болница Кочани.
Освен рабоатата со лекари и физиотерапевти, младите се дружат во попладневните часови преку спортски активности и се организираат и кино проекции.
„Бидејќи се поголеми групи, наизменично имаат период кадешто имат масажи, индивидуална физикална терапија, групни вежби, вежби за дишење. Во попладневните часови на зајдисонце имат вежби на отворено, групни спортови, пешачење. Имат постојано активности“, изјави Паниќ-Мирчовска, директор на Општа болница Кочани.
Мирчевска вели дека голем е интересот за рехабилитација на повредените во одморалиштето на МВР во Пониква, веќе е формирана и трета група. На 16 март во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.
Викторија Јованова











