Доближени ставови меѓу УПОЗ и Владата по денешната средба на двете страни предводени од претседатели Трпе Деаноски и Христијан Мицкоски. Финансискиот дел е речиси усогласен и прифатлив и за синдикатот и за Владата останува делот со условот кој централната власт го постави, откажување од општиот колективен договор и потпишување на индивидуални договори.
Дваесет и четири отсто зголемување на платата во наредните две години и два месеци плус зголемувањето на минималната плата е понудата на Владата која што донекаде е идентична со барањата на УПОЗ за зголемување од 30 отсто заради што се протестираше во февруари и март минатата година. Ова би опфатило околу осум илјади вработени во управата и правосудството.
Проблем засега останува само инсистирањето на Владата УПОЗ да се откаже од општиот колективен договор, на што од УПОЗ велат дека тоа е договор потпишан од ССМ и дека членството ќе мора да одлучи.
Од друга страна пак ССМ продолжува со борбата да издејствува што е можно поголемо зголемување на минималецот од законски предвидени 1.600 денари. Идната недела ССМ ќе ги блокира Собранието, работодавачите односно Стопанските Комори како и Владата.
Вчера поднесоа предлог до Собранието за намалување на функционерските плати преку кратење на коефициентите,a во пресметката наместо просечната како параметар да биде минималната плата.
Сè поизвесно е дека функционерите и годинава ќе добијат повисоки плати откако од Владата за Телма одговорија дека годинава усогласувањето на нивните примања ќе биде согласно законите одредби и стандардот имајќи ги предвид економските услови, фискалните можности на државата и потребата од балансиран пристап.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.











