Помина рокот за менување на Изборниот законик, дециден е премиерот Мицкоски. Независните кандидати очекуваа, од Собрание најавуваа, но од Влада порачуваат – не се очекува кворум за такво нешто. Претходно, од законодавниот дом истакнаа дека прашањето за учеството на независните кандидати на претстојните локални избори ќе мора да се реши – ако остане нерешено до одморите, ќе се остави за крајот на август, посочи спикерот Гаши на еден од брифинзите со медиумите. Сега независните собираат потписи и формираат партии, а од власта велат – одлуките на Уставен не се коментираат. Изборите треба да бидат распишани во првата половина на август.
„Мислам дека помина веќе рокот за менување на Изборниот законик бидејќи вообичаено треба шест месец пред избори, а тој е заглавен во процедура. Не очекувам периодов да се обезбеди мнозинство или кворум за такво нешто, а и не би било природно. Во тој дел околу независните листи ќе треба да се види законот и како може да се интервенира имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд. Одлуките на Уставниот суд не се коментираат туку се почитуваат, така што и ние како Влада ќе ја почитуваме и ќе видиме како сето тоа да го надминеме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Владата денеска потврди и дека нема да назначува нови министри, откако двајца од редовите на Вреди се определени како кандидати на претстојните локални избори. Запрашан дали е етички исправно тие да ги извршуваат министерските обврски и задолженија и паралелно да водат кампања, Мицкоски одговара дека ќе се воздржи од коментар, но не гледа зошто не би било етички, вели тоа е пракса од минатото, а не е ни спротивно на законот.
Професори од Правен претходно коментираа дека не станува збор за преседан, но може да се анализира колку е етички министрите да се нафатат на четиригодишен мандат и да започнат процеси без да ги довршат. Пред два дена, владиниот коалициски партнер Вреди ја објави одлуката на претседателството да кандидира осум актуелни функционери на локалните избори – покрај двајцата министри Меџити и Лимани, во комбинација се и шест директори.
Петар Догов











