Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ја објави победата на неговата коалиција на националната демократцка алијанса на општите избори во Индија .
Тој изјави дека народот по трет пат му ја дал довербата на неговиот Национален демократски сојуз и вети дека ќе продолжи со „добрите дела“ направени во претходната деценија.
Двајца клучни регионални сојузници во коалицијата го поддржаа како премиер, и покрај предвидувањата дека неговата партија нема да освои мнозинство на општите избори.
Партијата на Телугу Десам (ТДП) и Џаната Дал (Обединети) рекоа дека нивниот предизборен сојуз со Индиската народна партија (БЈП) на Моди е недопрен и ќе ја формираат следната влада, пишува Гардијан.
Според последните прелиминарни податоци, коалицијата Национална демократска алијанса предводена од премиерот Нарендра Моди освоила 290 од 543 места во парламентот, додека опозициската коалиција ИНДИЈА освоила 235.
Индискиот премиер за време на кампањата постави цел од 400 мандати.
На парламентарните избори во Индија, кои почнаа на 19 април и се одржуваа во седум фази, право на глас имаа околу 970 милиони гласачи.
На парламентарните избори во Индија гласале 642 милиони луѓе, што е 1,5 пати повеќе гласачи отколку на изборите во сите земји од групата Г7, изјави претседателот на Изборната комисија на Индија, Раџив Кумар.
Околу 15 милиони луѓе работеа во изборните комисии и обезбедувањето на избирачките места, како и 68.000 тимови за набљудување на изборите низ целата земја, додаде Кумар











