Драмскиот театар од Скопје со монодрамата „Кармен“, денеска ја отвора официјалната програма
на фестивалот Seoul International Monodrama Festival- 2026, во Сеул- Јужна Кореја. Фестивалот
се одржува од 17 до 26 март, во организација на театарот Samilro Changgo. Овој театар е историски исклучително важен „мал театар“ кој се смета за центар на алтернативната и современа сцена во Јужна Кореја. Со меѓународниот фестивал посветен на монодрамата како специфична и исклучително предизвикувачка сценска форма, театарот успешно се позиционира на светската театарска мапа.
Со внимателно селектираната програма, фестивалот го потврдува значењето на
монодрамата како силна и современа форма на театарски израз, која преку актерот како
единствен носител на дејството успева да отвори универзални теми и длабоки човечки
приказни, вели во соопштението од Драмски театар.
Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од
шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата
и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските
движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку
меѓународни награди и признанија. Во Сеул ќе биде 49. изведба на монодрамата.
Фестивалската публика, освен македонската претстава, ќе може да проследи осум
претстави од Јужна Кореја, Полска, Јапонија, Романија и Италија, што ќе понудат разновидни
уметнички пристапи, современи сценски јазици и иновативни актерски изрази.











