2030 е годината на новото проширување на Европската унија и таа е достижна и за Македонија. Ова е ставот на поранешниот главен преговарач на Хрватска со ЕУ и експерт на УНОПС, според кого тоа е достижно ако се работи на реформите и реформската агенда, односно дека се е засновано на резултати.
„Ние се радуваме на новиот процес на проширување во 2030 година, меѓутоа 2030 година е веднаш зад аголот. Не е многу далеку. Така што има огромна работа што треба да се спроведе, меѓутоа ова е изводливо“, рече Дробњак.
Дробњак се обрати на седницата на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања за придобивките од Реформската агенда 2024-2027, на која сите говорници се согласија дека клучно за спроведување на реформската агенда и членство во ЕУ е консензус меѓу сите политички чинители.
„Време е да гледаме низ една друга перспектива. Да влеземе, да работиме и да се бориме што и да е на масата. Каква и да е пречка биде исправена пред нас мораме да се обединиме поради тоа што сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме“, рече Венко Филипче, претседател на Национален совет за евроинтеграции.
„Ваквата сериозна реформска агенда нема да може да биде спроведена ако се спроведува само од одредена група на пратеници или од парламентарното мнозинство коешто ја има доминантната улога во Собранието. Ваквата реформска агенда само доколку и од страна на опозицијата имаме конструктивна критика и истовремено конструктивен придонес за да може да ги оствариме овие амбициозни задачи“, изјави Антонио Милошоски, претседател на Комисија за европски прашања.
Министерот за Европски прашања на иста линија со пратениците, дека Собранието ќе ја има клучната улога во спроведување на реформската агенда.
„Улогата на Собранието е круцијална за успех во сите овие аспирации што ги имаме“, рече Орхан Муртезани, министер за европски прашања.
Амбасадорката на Швајцарија и на заменик амбасадорот на ЕУ во Македонија, потсетија и на тоа дека предвидените реформи со Рефомската агенда всушност со години се дел од статешките и акциски планови на Македoнија, како и дел од препораки на експертите.
„Сега е време за одлучна акција и од страна на Владата и од страна на Собранието“, изјави Бен Нупнау, заменик-амбасадор на ЕУ.
На седницата беше констатирано и дека Македонија никогаш не била закочена поради исполнување на реформите, туку поради идентитетските прашањa и дека земјава предолго во процесот на пристапување, но досега без резултат.
Истовремено беше потенцирано и дека менувањето на меѓународен поредок кој се случува во моментов, не значи и промени и од страна на ЕУ на стратешкиот пат за проширување, туку како што рече Дробњак, таа останува посилна и порелевантна од кога било.
Тамара Грнчароска











