Државниот обвинител лично ја уверуваше новинарката Мирослава Симоновска дека основното обвинителство ќе го расчисти случајот поврзан со нејзиното незаконско снимање. Првично, предметот се води против непознат сторител, откако Симоновска поднела кривична пријава, затоа што се видела себеси на снимка објавена во национален медиум дистрибуирана од вишиот скопски обвинител Мустафа Хајрулахи.
Тој во изјавата тврдеше дека ја добил од „свиркачи“ и обвинуваше дека протекувале информации од обвинителството во врска со контролата која беше спроведена врз неговата и работата на неговите колеги. Симоновска реагираше дека е згрозена од однесувањето на обвинителот, но и дека извештајот од контролата го нема. Коцевски денеска потврди дека извештајот сè уште не го добил, а кога ќе биде готов, ќе биде достапен за новинарите.
„Знам дека целиот твој случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но те уверувам дека јавното обвинителство има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава. Сакам на сите да биде јасно дека ја осудувам секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање“, изјави Љупчо Коцевски, државен обвинител.
Новинарските здруженија реагираа дека станува збор за грубо прекршување на човековите права и побараа итна и темелна истрага.
Претходно, Хајрулахи јавно го обвини државниот обвинител, обвинувајќи дека му врши притисоци. Коцевски вели дека хајката против него почнала по надзорот на републичкото обвинителство врз работата на Вишото.
Во септември се слушнал со вишиот обвинител за да му каже состојба во обвинителството за да реагира поради нарушени меѓучовечки односи, откако претходно дел од вработените испратиле до него претставки со жалби од Хајрулахи.
Вишиот скопски обвинител тврдеше дека државниот обвинител му вршел притисок во предметот за бонусите на СЈО да не ја прифати жалбата на ВМРО-ДПМНЕ. Коцевски одговори – право на жалба според законот има само оштетениот.
Елена Ивановска Мукоска











