Шуто Оризари остана без јавен превоз, а граѓаните повторно со часови останаа да ги чекаат автобусите на постројките во услови на студено време. За проблемот се огласи и градоначалникот Курто Дудуш кој на „Фејсбук“ упати прашање дали Јавното сообраќајно претпријатие ќе го реши проблемот или доколку се снајде и обезбеди превоз за неговите сограѓани ќе биде обвинет, за незаконско вршење на превоз на патници, како што претходно вели бил обвинет за отпадот во општината.
Општината Шуто Оризари ја опслужуваат линиите 19 и 20 кои најголем дел ги возат приватните превозници. Тие пак велат дека ЈСП има долг кон нив уште од месец јуни, па поради тоа возачите немаат пари да стават нафта во автобусите и со тоа е намален возниот ред на 50%.
За Телма велат дека деновиве очекуваат да има исплата на заостанатиот долг, а со тоа и да се регулира превозот. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа од страна на ЈСП и му препорача на претпријатието во рок од 3 месеци да обезбеди редовен и соодветен јавен превоз за жителите на Шуто Оризари како и да ги прекинат дискриминаторските практики утврдени во мислењето.
Во спротивно најавија дека ќе поднесат барање за прекршочна постапка. Тогаш реагираа од синдикатот на ЈСП, дека не станува збор за државните линии, туку линии кои ги држат приватните превозници.











