Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

ДЗР: Недостиг од стратегија и координација ја кочи примена на вештачката интелигенција во јавниот сектор

/

пред 437 дена

Сподели преку :

И покрај тоа што вештачката интелигенција е глобален приоритет, Република Македонија сè уште нема усвоена национална стратегија, законска рамка, ниту институционална координација за нејзина примена.

Ова го покажа ревизијата на Државниот завод за ревизија, кој укажува на низа структурни и технички пречки што го ограничуваат развојот и примената на вештачката интелигенција во јавниот сектор.

Порталот за отворени податоци, клучен за развој на вештачката интелигенција , не функционира од почетокот на 2025 година, а пристапот до машински читливи податоци е ограничен.

Иако се финансирани 48 проекти поврзани со вештачката интелигенција преку Фондот за иновации (во вредност од над 6 милиони евра), ниту еден не е имплементиран во јавниот сектор.

Недостигот од дигитална инфраструктура, како што се суперкомпјутери и модерни дата центри, дополнително ја намалува подготвеноста на институциите.

Вештачката интелигенција се споменува во неколку стратешки документи, но без акциски планови и координирана имплементација.

Универзитетите, особено ФИНКИ и ФЕИТ, имаат значајни човечки ресурси и проекти како „Буки“ и „ChatMed“, но не постои централизирана евиденција или платформа за соработка со јавниот сектор.

Проектот за дигитален асистент „АДА“ и пилот-иницијативите како бројот 112 се или прекинати или делумно реализирани поради недостиг на средства и нормативна поддршка.

Иако земјата има покриеност со 5G и напредна интернет-инфраструктура, индексите за иновации и подготвеност за вештачка интелигенција укажуваат на назадување, што дополнително ја нагласува потребата од итни и координирани реформи.