Најмалку 10 години или, пак, казна доживотен затвор му се заканува на осомниченото лице против кое е поднесена кривична пријава, по вчерашното убиство кај трговскиот центар „Мавровка“.
Јавен обвинител бара притвор за осомничениот за убиство на 59-годишниот Васил Ефтимов.
Но покрај ова, осомничен е и за убиство во обид и недозволено поседување оружје.
„Осомничениот на паркинг просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без регистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и, исто така, се оддалечило“, информираат од Јавното обвинителство.
Второосомничениот кој му помагал на убиецот го оставил автомобилот марка „Цитроен“ во Гази Баба и се качил во автомобилот „Ауди“, по што тие продолжиле да се движат, пред да бидат пресретнати од полицајците.
Додека другиот возел, првоосомниениот излегол од совозачката врата и пукал, обидувајќи се да ги ликвидира полициските службеници кои во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службено оружје. Потоа, го совладале и го привеле.
Другиот инволвиран кој според полицијата му помагал на убиецот е се уште во бегство. Полицијата вчера фати двајца, а вештачењето на чаурите и пиштолот го поврзува осомничениот Е.К., со кривичните дела коишто му се ставаат на товар, информира министерот за внатрешни работи.
Од МВР информираа дека инволвираните во убиството се со криминално досие.
„За второто лице кое беше лишено од слобода вчера, до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело убиство“, вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Застреланиот е бизнисменот Васил Ефтимов. Во неговото семејство се водел бизнис со продажба на накит, во скопски Аеродром, а тој имал и фирма за материјали за водовод.
Според информациите, убиениот бил следен за да биде ограбен.
Петар Догов











