На 7 октомври 2023 година стотици борци на Хамас ја пробија оградата на Израел околу Појасот Газа и се впуштија во крвав пир низ јужниот дел на земјата. По речиси два дена грозоморни злосторства во кои беа убиени 1.200 Израелци, најголем дел цивили, Израел ги елиминираше милитантите на Хамас.
Покрај тоа, Хамас грабна и 250 цивили и војници како заложници, и ги одвлече во Газа, од кои 60-тина сѐ уште остануваат таму. Израелците кои се најдоа на нивниот пат и ден денеска го преживуваат теророт.
Опожарените остатоци од нападнатите израелски населби, познати како кибуци, сѐ уште остануваат ненаселени и служат како злокобен потсетник на најцрниот ден во израелската историја.
Најголемиот дел израелски жртви беа на музичкиот фестивал Нова, во пустината Негев, каде што денеска нивните роднини се собраа да им оддадат почит.
Беше ладнокрвно убиена, беше запалена додека сѐ уште дишеше. Сите поминавте низ пекол. Престанавте да дишете, а исто и ние. Повеќе не живеете, ние сега дишеме но не живееме. Во мое име и во име на сите семејства ве молам за прошка, затоа што не успеавме да ве заштитиме, и жал ни е што државата ве напушти, изјави мајка на една загината девојка.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чија долгогодишна политика беше обвинета за предизвикување на оваа катастрофа, вети страшна одмазда против Хамас, и кратко потоа Израелската армија го истури својот гнев врз Појасот Газа.
По една година непрекинати бомбардирања и систематски спроведена копнена операција, Израел речиси ја срамни со земја Газа. 42.000 Палестинци го загубија животот, според локалните власти предводени од Хамас, а 60 проценти од објектите во појасот се или уништени или тешко оштетени.
Палестинците престанаа да бројат колку пати мораа да се селат во појасот, а нивниот опстанок зависи исклучиво од хуманитарна помош.
Изминатите години децата одеа во училиште, гала му на Бога ние си имавме домови и живеевме во мир. Го изгубивме мирот, и изгубивме сѐ што имавме. Нашите домови не беа само камења, тие за нас значеа безбедност и стабилност, и го изгубивме сето тоа. Живееме во шатор кој не нѐ заштитува од зимскиот студ или летните горештини. Во текот на изминатата година се молевме да заврши војната, но сите наши молби беа залудни, рече Лијала ал Шанар, раселена Палестинка во Појасот Газа.
Една година по 7 октомври не само што не заврши војната во Газа, туку започна и нова во регионот, откако Израел одлучи дека сега е моментот да се пресмета и со Хезболах.
Иран, кој е главниот иницијатор на конфликтот со самото формирање на овие организации чија цел е уништување на Израел, беше приморан два пати да интервенира со директни напади врз Израел, откако неговите извршители претрпеа тешки удари, кои во прашање го доведоа и нивниот опстанок.
По една година, наместо разрешување или во најмала рака смирување на конфликтот како што се случуваше низ историјата, тој дополнително се разгорува заканувајќи ѝ се не само на стабилноста на целиот блискоисточен регион, туку и на Европа и Азија.
Игор Трајков











