Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Економијата пропаѓа, партизацијата „цвета“, а судството е заробено – Филипче со критика за работата на Владата

/

пред 667 дена

Сподели преку :

Економијата пропаѓа, партизацијата на институциите „цвета“, а судството е заробено. Ваква е генералната оценка за Владата од страна на лидерот на опозициската СДСМ, половина година по парламентарните избори.

Ја осуди стратегијата на ДУИ и ги обвини дека намерно создаваат атмосфера на етнички тензии. Конфликтот на интегративците со власта, според Филипче, е театар кој им служи на политичката агенда на двете страни.

Во делот на партизацијата на институциите, лидерот на опозицијата се фокусираше на најновите случувања поврзани со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Вчера, Антикорупциската комисија едногласно оцени дека неговиот јазичен сертификат од школата „Јулија“ во Пловдив е валиден додека не се докаже спротивното, а Христовски ги исполнува сите услови за позицијата.

Филипче за ова прстот го впери во повеќе институции. А, одлуката на ДКСК ја нарече скандалозна.

„Сите ги видовме дипломите на директорот на АНБ. Мали деца од основно училиште видоа дека факултет е завршен за една година. Недозволиво е да помине таква одлука врз основа на некаква анализа направена на инспектори од Државниот просветен инспекторат. Ја повикувам министерката за образование, одлична професорка по патологија на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што еден испит заради нејзината принципиелност се полагаше и по шест месеци, сега да не аминува одлука според која факултет може да се заврши за една година“, порача Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Во делот на правосудството, Филипче директно го обвини премиерот Мицкоски за партиско заробување на државата. Ова доаѓа откако претседателот на Владата најави нови потези по празниците. Извесно е дека се планира разрешување на неколку членови на Судскиот совет.

Според претседателот на СДСМ, таков потег е удар врз демократијата. За ова ја алармираше македонската јавност и меѓународната заедница.

„Најавата дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови е чекор кон целосна партизација и контрола на судството. Ова СДСМ нема да го дозволи, затоа што ова значи целосно газење на демократијата и враќање кон времето на политички прогон. Овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи и тоа што премиерот го потпиша во Брисел во рамките на Планот за раст, а што е дел од нашата реформска агенда којашто ЕУ и тоа како ја поддржува“, смета лидерот на СДСМ.

Запрашан за бегството на поранешниот вицепремиер Груби, Филипче кажа дека дека таквиот начин на напуштање на државата остава простор за сомнеж дека случајот е договорен и со некаква позадина.

На денешната прес-конференција, лидерот на СДСМ упати повик до другите политички лидери за создавање државна стратегија преку наднационална Платформа за обединување, а со една цел – да се понудат конкретни планови за иднината.

Филипче понуди да се формираат тимови и сите партии да излезат заедно пред граѓаните за да кажат каков е планот за државата, без разлика која Влада ја води.

Петар Догов