Дел од пожарите се предизвикани поради небрежност на граѓани, но за поголем дел од пожарите имаме индиции, за некои од нив и докази, дека се намерно подметнати, истакна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов на прес-конференција попладнево во Скопје. Тој потенцира дека во текот на вчерашниот ден (недела, 27 јули) биле регистрирани најмалку 51 пожар на отворен простор, бројка за која рече дека е алармантна.
„Мотивите се различни. Постои можност да има економско-криминални мотиви, можеби некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума, бидејќи на неколку места имаме пожари кои што на необјаснив начин се појавија во висококвалитетна шума, како што е пожарот кој избори кај Македонска Каменица. Постојат можности за патолошки мотиви, односно лица кои што уживаат да гледаат оган, но тие, сепак, не би запалиле оган во близина на населено место, односно онаму каде што можат да бидат видени, фатени, снимени“, нагласи Ангелов кој, сепак, додаде дека за мотивите може само да се претпоставува.
Ангелов рече дека моментно има 15 пожари на отворен простор низ Македонија.
„Девет од нив се активни, шест се под контрола. Бројката се менува од миг во миг, претпоставувам дека за неколку часа, бројот, за жал, ќе ниде поголем, иако сум убеден дека повеќето од овие пожари ќе бидат ставени под контрола или изгаснати. Најголем проблем создава пожарот на планината Готен, на тромеѓето меѓу општините Радовиш, Василево и Берово. Едниот крај од пожарот се движи кон радовишка страна, а вториот кон беровска“, рече Ангелов.











