По падот на Орбан, Груевски повторно стана еден од најгугланите политичари. Прашањето дали ќе биде екстрадиран во Македонија веднаш се наметна како клучно и во опозицискиот речник. Претседателот на СДСМ бара од владата веднаш да побара екстрадиција и ја поздрави изјавата на новиот унгарски премиер дека Унгарија повеќе нема да обезбедува засолниште на лица кои бегаат од правдата.
„Што ќе прави Никола Груевски, осудениот бегалец и симбол на корупција и злоупотреба на власта, кога повеќе нема заштитник во Будимпешта? – Години наназад уживаше гостопримство од Виктор Орбан кој го штитеше од правдата. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја или ќе се врати тука да ја отслужи казната?“, праша Филипче.
Тој ќе бара и целосна истрага на сите бизнис интереси и ревизија на сите договори со Орбан за кого рече дека „ја користел Македонија како своја приватна колонија за политички и финансиски интереси“.
Премиерот му одговори дека договорите се транспарентни, а за СДСМ рече дека се однесува како Алиса во земјата на чудата. Прашан дали е можно да биде повлечен кредитот од Унгарија, рече дека еднострани промени се невозможни, бидејќи кредитот е со Ексим банка, а не со унгарската влада. Нивна одлука, вели, се и „специфичните политики поврзани со Никола Груевски“, а барање за екстрадиција поднесува министерството за Правда.
„Немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, а има правосилна пресуда, ќе биде обезбеден од органите на редот и ќе биде упатен на отслужување на затворската казна. Ние сме влада за која сите закони важат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од коалицијата ВРЕДИ оценија дека најзагрижени за екстрадицијата на екс-премиерот се неговите помагачи.
„Тие кои му помогнаа и тогаш да избега, а тоа се моите поранешни колеги од ДУИ, и сега се најзагрижени за тоа, дали ќе биде екстрадиран. Доколку се случи тоа, тој ќе мора да се соочи со правдата како и секој граѓанин на Македонија“, изјави Изет Меџити од коалиција ВРЕДИ.
Побараната екстрадиција на Груевски беше одбиена, затоа што тој веќе доби азил, а со тоа не може да биде екстрадиран во државата од која побегнал. Неговиот азил се темели на проценка дека бил жртва на политички прогон и дека безбедноста му е загрозена.
Според меѓународното право, ваков статус може да се укине само ако престанат причините врз кои бил доделен азилот, односно ако веќе не постои ризик по неговиот живот или политички прогон. Втор случај е ако лицето претставува закана за безбедноста на земјата домаќин или ако е осудено за тешко кривично дело (особено воени злосторства или злосторства против човештвото).
Но, и тоа е сложена правна постапка пред миграциските органи, при што се утврдуваат фактите, се проценува ризикот од тортура во земјата барател и се обезбедува право на одбрана, а одлуката може да се обжали. Дури и во случај на укинување на азилот, депортацијата не смее да се изврши ако постои ризик од неправедно судење, политички прогон или тортура.
Груевски не се огласи со коментар на социјалните мрежи за најавите на Маѓар, туку упати велигденска честитка со која порача дека по мракот доаѓа светлина.
Далиборка Демјанска Цветановска











