Европскиот парламент, на пленарна седница во среда, се очекува да даде зелено светло за прием на Хрватска во Шенген зоната, јави дописничката на МИА од Брисел. Европратениците од комисијата за граѓански слободи веќе се изјаснија позитивно по ова прашање.
Влезот во Шенген зоната значи слободно патување, без царински контроли за хрватските граѓани.
Европратениците ќе го повикаат и Советот на Европската Унија (ЕУ), т.е. земјите членки, да дадат зелено светло за оваа одлука. Загреб се надева дека процесот ќе заврши до крајот на оваа година и земјата да биде дел од Шенген на 1 јануари во 2023 година.
Словенија, со која Хрватска сѐ уште има граничен спор, најави дека ќе го поддржи приемот на својот сосед во Шенген. Меѓутоа бројни организации за заштита на човековите права, како „Хјуман Рајтс Воч“, предупредуваат дека насилството кон барателите на азил на хрватските граници треба да биде причина ЕУ да се спротивстави на овој чекор.











