Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Формирале медиумски канал на интернет и поттикнувале создавање на терористичка група – кривична пријава против пет лица од Скопје

/

пред 109 дена

Сподели преку :

Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Ј.К. (30), Ј.М. (22), М.Т. (23), Р.К. (23) и Г.М. (34), сите од Скопје, кои се сомничат за сторено кривично дело „Терористичка оирганизација“, казниво по член 394-а, став 3, од Кривичниот законик. Како што соопшти МВР, тие формирале медиумски канал и преку него повикувале и поттикнувале формирање на терористичка група по примерот на ИСИС.

„По претходно добиени сознанија и информации од меѓународни стратешки партнери, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во координирана акција со Агенцијата за национална безбедност, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, презеде мерки и активности во однос на утврдување на администратори и членови на интернет апликации кои поттикнувале на создавање на терористичка организација. Притоа се добиени сознанија дека пријавениот Ј.К. кон крајот на 2024 формирал медиумски интернет канал и формирал група во кој членувале останатите пријавени и во текот на 2025 и 2026 година делувале како терористичка организација која јавно повикувала и поттикнувала создавање на терористичка организација врз основа на идеологија на терористичката организација „ИСИС“ и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички идеолошки текстови со цел ширење на пропаганда, идеолошка индоктринација, глорификација на терористите од ИСИС“, соопшти МВР.

На 16 јуни, како што додаде МВР, со судска наредба, се извршени претреси на пет локации на подрачјето на Скопје од кои три во Казнено-поправната установа „Затвор Идризово“, каде што затворски казни издржуваат Ј.К. и Р.К., а мерка притвор издржува Г.Т., како и во домовите на Ј.М. и М.Т.. При претресите биле пронајдени и одземени повеќе електронски уреди како предмет за докажување на кривично дело.

Од АНБ соопштија дека спровеле контратерористички активности кон организирана група надоврзана на меѓународна терористичка мрежа.

На 16 јуни 2026 година, во координирана акција на Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи, а под раководство на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на предистражната постапка поврзана со кривично дело „Терористичка организација“ од член 394-а од Кривичниот законик, беа извршени претреси на повеќе локации на територија на Град Скопје при што се пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема.

Во рамките на постапката се опфатени пет лица за кои постои основано сомнение дека се извршители на кривично дело „Терористичка организација“ од член 394-а од Кривичниот законик и за истите е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

За две од лицата опфатени со кривичната пријава е определена мерка притвор, односно домашен притвор, а останатите три лица во моментот се на издржување казна затвор, односно мерка притвор во Казнено поправните установи за кривични дела поврзани со тероризам.

Наведените активности се преземени врз основа на претходно обезбедени информации од страна на Агенцијата за национална безбедност, како и информации обезбедени во рамки на меѓународната стратешка соработка.

Според информациите со кои располага Агенцијата за национална безбедност, лицата како идеолошки поддржувачи на терористичката организација „Исламска држава“ во изминатиот период спровеле активности за воспоставување конекции со медиумски пропагандни канали на споменатата организација, но и создавање на локална мрежа преку која дисеминирале екстремни и насилни наративи, со цел поттикнување на терористички активности во земјата. Како дел од групата, споменатите давале и логистичка поддршка на други лица, претходно веќе опфатени во контратерористички активности на Агенцијата.

Агенцијата за национална безбедност останува посветена на својата примарна превентивна функција да работи на ефикасно и навремено попречување на ризиците и заканите по националната безбедност, со цел заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.

С.Д.