Насилни судири меѓу пропалестинските демонстранти и група контра-демонстранти кои го поддржуваат Израел избија во кампусот на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес.
Полициски кордони ги разделија групите во кампусот откако израелските поддржувачи се обидоа да го урнат пропалестинскиот протестен камп.

Студентските собири се проширија во десетици училишта низ САД во последниве денови, изразувајќи противење на израелската војна во Газа.

Ова е директно кршење на граѓанските права на американските студенти, еврејските студенти, еврејските студенти не смеат да влезат во одредени училници, библиотеки и пропалестински демонстранти? Јас сум адвокат госпоѓо и никој не верува во првиот амандман Правата и граѓанските права повеќе од мене, како и да е, ова е директно прекршување на американските граѓански права. Можеме ли да ја свртиме камерата кон логорите? Камповите овде што пропалестинците, пропалестинските демонстранти ги направија на УКЛА и јавните кампуси се злосторство! Ова е злосторство и е директно кршење на студентските права, американските граѓански права, изјави Џастин, учесник во демонстрациите.
Советничката од Лос Анџелес, Кети Јарославски, во објава на „X“ напиша дека секој има право на слободен говор и протест, но дека ситуацијата во кампусот излегла надвор од контрола и повеќе не е безбедна.

Доцна синоќа, њујоршката полиција уапси десетици пропалестински демонстранти кои беа во зграда на Универзитетот Колумбија и го отстрани протестниот камп.

Хамилтон сега е безбеден. Нема никој друг во зградата. Квартот сега е празен. Единственото нешто што остана се шаторите и нивните работи и сето тоа ќе биде отстрането од училиштето. Немам пријавени повредени, нема пријавено повредени. Немаше употреба на солзавец. Њујоршката полиција не употреби солзавец. Сè уште набљудуваме неколку локации низ градот, изјави помошник комесар Карлос Ниевес .
Студентските протести во САД добија и политички призвук во пресрет на претседателските избори во ноември, при што републиканците обвинија некои универзитетски администратори дека замижуваат пред антисемитската реторика и малтретирање.

Неколку часа пред полицијата да влезе во Колумбија, градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс и градските полициски службеници изјавија дека преземањето на Хамилтон Хол било поттикнато од „надворешни агитатори“ кои не се поврзани со Колумбија.

Многу јасно ставивме до знаење дека универзитетот не може бескрајно да се блокира од демонстранти кои ги прекршуваат правилата. Продолжувањето да го прави тоа ќе биде проследено со нивните последици. Демонстрантите избраа да ескалираат до неодржлива ситуација, вандализирање имот, кршење врати и прозорци, блокирање на влезовите, истакна Бен Чанг, портпарол на Универзитетот Колумбија.

Претседателот на Колумбија, Минуш Шафик, објави писмо во кое бара од полицијата да остане во кампусот најмалку до 17 мај – два дена по дипломирањето – „за да се одржи редот и да се осигура дека логорите нема повторно да никнат“.
Александар Петрески











