Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ганиу со контра-тужба за Арсовска, ја обвинува дека е мегафон на ДУИ

/

пред 445 дена

Сподели преку :

Чаирскиот градоначалник ѝ подготвува контра-тужба на скопската градоначалничка, за нејзините обвинувања дека незаконски легализирал дивоградби, дека во негово време се изградени 150 згради по 12 ката без дозволи и проекти, како и дека во моментов се градат на диво 50 нови згради. Тврди дека, во 2005, кога на градоначалничката функција стапил Меџити, во Чаир имало 13 илјади дивоградби, односно, над 75 отсто од сите објекти биле изградени на диво, а таа оваа затекната ситуација ја злоупотребува тврдејќи дека е од негово време. Негира и дека дивоградбите се изградени на државно земјиште, велејќи дека речиси целото земјиште на 3 квадратни километри, на колку што се протега општината, е на приватно земјиште.На ранг листата, Општина Чаир била 20 во државата, а шеста во Скопје по број на дивоградби, но вели, Арсовска не ја интересирале другите општини, туку по наредба на ДУИ, сака лично да го дискредитира.

-За сите овие акти моите адвокати подготвуваат тужба. „Чесната жена„ манипулира со зборовите, лага е дека се изградени 150 згради дивоградби, а лага е и најновото тврдење за темели на 50 нови дивоградби. Таа е мегафон на ДУИ, добива наредби од нив, тврди Висар Ганиу, градоначалник на Чаир. 

Ганиу отфрла вина и за случајот што го обелодени Арсовска, дека дека, како претприемач на зграда-дивоградба во Чаир бил заведен, единаесетгодишникот Беким Аземи, на место каде  во 2023 година почнува да се гради плоча, која следната година станува зграда на 12 ката, а според приложената документација, тој ја изградил зградата во 2010 година и на 12 годишна возраст со своерачен потпис, поднел барање за легализација.

-И за тој случај ќе се докажуваме на суд. Има секакви случаи, можеби еден почнал да гради, па префрлил на наследник, ќе се испита тоа, но и да е така, тие потписи се даваат кај нотар, не се даваат кај мене, вели Ганиу.

По обвинувањата на Арсовска, Обвинителството отвори истрага за дивоградбите во Чаир. Полицијата одзема и документи од општината, како и од Министерството за транспорт и врски, а по предметот во Скопското обвинителство постапува и Управата за финансиска полиција.

На последната прес конференција таа поднесе и 20 нови случаи на незаконска легализација на згради дивоградби во оваа општина, чија изградба, само на еден објект, според неа, чинела преку еден милион евра, а основните давачки како комуналии биле над 1,5 милион евра. Според нејзината  пресметка, за 150 дивоградби во Чаир, се потребни 225 милиони евра, за колку што е оштетен и буџетот на Град Скопје.

Ганиу, кој денеска откри спомен плоча на загинатите четворица Албанци во судирот со македонската полиција во 1992 година, не одговори на прашањето, дали поради оваа афера со дивоградбите нема да се кандидира за повторен мандат?Вицепремиерот Меџити, пак, кој најави можна кандидатура, денеска не беше расположен да одговори дали е точно дека е со адреса на живеење во Бутел, што автоматски му оневозможува да се кандидира за Чаир?

-Во друга прилика ќе зборуваме за тоа, кусо одговори Меџити.

Албански портал објави дека Меџити на избирачкиот список е заведен на избирачко место во општина Бутел  што го доведува во прашање формалниот легитимитет на неговата можна кандидатура.

Далиборка Дамјанска Цветановска