Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека теренските активности за БРТ проектот ќе започнат во 2027 година, а дотогаш ќе има набавка на над 100 нови автобуси за обнова на јавниот превоз.
„За БРТ-то, прво ми е многу драго што конечно со ЕБОР го откочивме процесот. Тоа беше макотрпна работа изминативе повеќе од три месеци, колку што сум градоначалник во градот Скопје. Верувам дека некаде втората половина на оваа календарска година ќе започнеме со тендерирање на таа постапка. Тоа е сериозен проект за градот Скопје којшто генерално ќе ги среди овие гужви коишто ги имаме сообраќајни, а се поврзани со делувањето на автобусите во трасите во моментов во градот Скопје“, истакна Ѓорѓиевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Во однос на ревидирањето на втората траса Кисела Вода до Радишани, рече дека сериозен тим работи на сето тоа и оти не е доволно само да се опфатат правците Ѓорче Петров и Ново Лисиче.
„Не е доволно ние да ги опфатиме правците Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Нас ни треба целосно опфаќање на градот Скопје. Земајќи во предвид дека ние овој руиниран возен парк – флотата на автобуси со којашто располагаме во моментов – којашто долги години не е обновена, ќе ја обновиме со 100 автобуси и поддршка од страна на Владата и дополнително уште најмалку десетина автобуси преку овој проект ние ќе имаме доволно автобуси за да го покриеме цело Скопје. Затоа ни треба додавање на тие две траси. Едната е Радишани, едната е према Драчево, каде што на граѓаните ќе им овозможиме комфорен транспорт од точка А до точка Б и притоа што помалку да користат сопствени автомобили“, посочи Ѓорѓиевски.
За новиот Луна парк вели дека тоа ќе биде забавен парк којшто ќе биде за сите возрасти.
„Скопје, конечно, ќе добие Луна парк и длабоко сум убеден дека ќе успее и постапката, во финална фаза е тендер постапката. Верувам дека ќе биде избран сериозен изведувач и дека до јуни 2027 година ќе може да сечеме лента“, рече Ѓорѓиевски.











