Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов најави дека денеска ќе испрати допис до Заедницата на локалните самоуправи (ЗЕЛС) во кој ќе побара општината да излезе од ЗЕЛС. На оваа одлука претходеше објава во која струмичкиот градоначалник остро ја осуди одлуката на надлежните институции да биде продолжена забраната за користење на водата за пиење во општината.
„Одговорно тврдам, а потврда за тоа ќе бидат резултатите кои ќе бидат објавени, дека водата е исправна и хемиско физичкиот состав и микробиолошки“, посочи струмичкиот градоначалник велејќи дека „некој скапо ќе плати за оваа операција врз Струмица и струмичани.
Тој, исто така, најави дека „наскоро ќе се дознае вистината и за водата, но и за сите притисоци, врз инспектори, врз вработени во ИЈЗ само да не се кажуваат јавно резултатите оти истите не се во прилог на политиката на власта.
„Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа“, пишува во објавата на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во која најавува дека општината ја напушта ЗЕЛС.











