И покрај спротивставувањето на црквата, Грција стана првата православна земја во којашто се легализираат истополовите бракови. Со 176 гласа „за“, парламентот во Атина го изгласа законот што го предложи центро-десичарската влада на премиерот Киријакос Мицотакис.
76 пратеници не ја прифатија реформата додека двајца се изјаснија како воздржани. На гласањето во законодавниот дом со 300 пратенички места не беа присутни 46 членови на Парламентот.
Со новиот закон машките двојки ќе можат да се остварат во улога на родители исклучиво преку посвојување на деца, а користењето на сурогат мајка е дозволено само во заедниците формирани од жени коишто од здравствени проблеми не можат да добијат биолошко потомство.
- Разбирам низ што минуваа минатите, а низ што минуваат сегашните ГЕНЕРАЦИИ. Се криеја зашто нивната природа била погрешна. Имаа притисок од семејствата и околината и во селата и градовите. Овде сме за да ги заштитиме правата на овие деца со штитот на нивните родители. Мора да им дадеме правда во секојдневниот живот на овие луѓе и на истополовите двојки. Мораме да ги направиме видливи зашто досега беа невидливи, изјави премиерот Мицотакис.
- Господин Мицотакис тврди дека нема да ја усвоиме фразата „Родител 1 и родител 2“, но токму тоа се случи, и тоа автоматски, изјави Куцубас, претседателот на Комунистичката партија.
Припадниците на засегнатата категорија граѓани се задоволни од одлуката на Парламентот којашто ја сметаат за историска. Дел од нив очекуваат во иднина да бидат регулирани нивните права уште подетално.
Законот не опфаќа многу важни аспекти за правата на ЛГБТК. Родителството не е целосно признаено, односно не е подеднакво признаено како кај хетеросексуалните семејства. Занемарени се и правата на транс-заедницата, изјави член на Орландо ЛГБТК+ групата.
Додека поддржувачите на законот на Мицотакис виореа знамиња со боите на виножитото, за време на гласањето доцна синоќа беше одржан и мирен контра-протест чиишто учесници држеа икони и искажуваа молитви пред зградата на Парламентот.
Грчката православна црква категорично го отфрла новиот закон чијашто главна цел, според нив, е да ја загрози социјалната кохезија во земјата.
Во декември во 2015 година во Грција беа легализирани таканаречените „договори за заеднички живот“.
Маја Стојаноска-Филдишев











