Уривање на бариерите за роаминг за земјите од Западен Балкан побараа над 80 европратеници од различни политички партии во Европскиот парламент во писмото кое во текот на минатата недела го испратиле до Европската комисија (ЕК).
„Итно нѝ е потребна поблиска интеграција на земјите од Западен Балкан, а чекор во тоа би било уривање на бариерите во роаминг. Тоа не само што ќе помогне за намалување на јазот кон Европската Унија, туку и ќе се признаат секојдневните пречки на граѓаните на Балканот. Балканците кои живеат и работат во Европската Унија, честопати далеку од нивните семејства, се соочуваат со скапи доплати за роаминг. Европската комисија треба да придонесе за посилна интеграција преку создавање на слободна Европска роаминг зона во која ќе биде вклучен и Западен Балкан“, се наведува меѓу другото во писмото на европратениците до ЕК.











