Итно и безусловно ослободување на израелските заложници во Газа побара генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. За тоа, според портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби се водат „трезвени и сериозни разговори“ во обид да се издејствува од Хамас да пушти нов бран на киднапирани лица од нападот врз Израел на 7 октомври лани. Нивните апели и изјави доаѓаат по зголемениот број на жртви и лошата хуманитарна ситуација во енклавата што, пак, резултира и со зголемен меѓународен притисок врз Израел за намалување на обемот на офанзивните дејствија.
Дваесет и еден израелски војник загинаа во еден напад во Газа, соопшти министерството за одбрана во најкрвавиот ден за израелската армија од почетокот на нејзината копнена офанзива во појасот. Според информации израелската армија, војниците поставувале експлозиви за уривање на две згради во централна дел на енклавата, кога тенкот кој им служел како оклопна поддршка бил погоден од ракетен фрлач.
Израелскиот премиер го нарече еден од најтешките денови од почетокот на, според него праведната војна, во која, сепак, Израел плаќа висока цена.
„Ние сме во повеќе од оправдана војна. Во оваа војна исполнуваме големи цели, како опколувањето на Кан Јунис, но плаќаме и многу тешка цена. Се поклонуваме во чест на нашите паднати херои, но сепак, ниту за момент не престануваме да се стремиме кон незаменливата цел, постигнувањето комплетна победа. Заедно ќе се бориме, и со Божја помош заедно ќе победиме“, изјави Бенјамин Нетанјаху.
Во меѓувреме, меѓународната коалиција предводена од САД и Обединетото Кралство изврши нова серија напади врз Хутите во Јемен, како одговор на постојаните напади на бунтовниците врз трговските бродови во Црвеното море. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, изјави дека нападите имаат за цел намалување на способноста на Хутите да го попречуваат протокот на стоки низ Црвеното море.
Според информациите кои ги објави Пентагон, мета на заедничките воздушни напади биле вкупно 8 позиции на Хутите во Јемен, меѓу кои и подземно складиште за ракети. Хутите од своја страна соопштија дека ракетите погодиле празни нивни и поранешни армиски кампови, и порачаа дека овие напади нема да останат неодговорени.
Сашко Димовски











