Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Хуманитарната помош во Газа недоволна, не стигнува до сите

/

пред 447 дена

Сподели преку :

Палестинците во Газа велат дека хуманитарната помош што ја испраќаат Израел и други земји – преку воздушни пратки и камиони – не е доволна и не допира до огромниот број на луѓе во потреба.

Соочени со глад и несигурност, раселените семејства живеат во тешки услови.

„Не гледаме помош, ниту по копно, ниту од воздух. Седиме покрај патот и не добиваме ништо“, вели Марјам Јахја, раселена жена од Рафах која сега престојува во Заваида. „Седиме во шатори како просјаци, чекаме еден килограм брашно, а никој не ни го донесува.“

Израел воведе дневни „тактички паузи“ од по 10 часа во три области на Газа за наводно да овозможи хуманитарна помош.

Но, Обединетите нации предупредуваат дека овие мерки се недоволни, особено поради ризикот од грабежи. Светската програма за храна (WFP) бара безбедни и континуирани хуманитарни коридори.

„Порано добивавме помош од УНРА, сега веќе не. Кога УНРА ја доставуваше, никогаш не сме останале без“, додава Јахја. Луѓето, како Ахмед ал-Сумаири, раселен од Кан Јунис, стравуваат и од самата воздушна дистрибуција: „Луѓето се плашат да излезат од шаторите – кутиите паѓаат врз децата. Нема прекин на огнот. Опсадата продолжува, нема храна ниту вода.“

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека ќе дозволи „минимална“ помош.

Меѓувреме, сè повеќе слики од изнемоштени деца ги засилуваат меѓународните критики кон Израел, вклучително и од негови сојузници.

Израел тврди дека Хамас ја присвојува помошта – без да приложи докази – поради што ја ограничува дистрибуцијата.

Но, според ОН, речиси половина милион луѓе во Газа се соочуваат со услови налик на глад, а една третина не јаде со денови. Населението, збиено на сè помал простор, сè повеќе зависи од надворешна помош за преживување.