Долг од околу шест милиони евра за струја ќе ги однесе во мрак и Железници. По Клинички и МЖ Транспорт е пред исклучување. Претпријатието освен што има милионски долг, исто како клинички нема доставено банкарска гаранција. Имаат рок од една недела истата да ја испорачаат, во спротивно патничките и товарните возови ќе запрат.
„Ќе ги искористиме сите законски механизми кои се на располагање за да ги наплатиме парите. Ако тоа не се случи, следува исклучување на струјата, согласно правилата за снабдување“, велат до ЕВН за Телма.
Од ЕВН ХОУМ ги известиле и МЕПСО дека рокот за доставување на една од гаранциите за плаќањето, како и времетраењето на снабдување со струја од краен снабдувач, истекуваат и побарале од операторот да се прекине снабдувањето со струја на МЖ Транспорт.
„Земајки ги предвид Правилата за снабдување со електрична енергија, Железници на Република Северна Македонија, како дел од критичната инфраструктура, не може да биде исклучен од електропреносната мрежа од страна на АД МЕПСО, затоа што ваквите случаи во законот не се јасно дефинирани и затоа Мепсо до Влада го испрати дописот од ЕВН со цел да се утврдат натамошните чекори и евентуално да се најде начин претпријатие да не претрпи штети“, се вели во дописот од МЕПСО.
Според правилата за снабдување, ако потрошувачот не ги плаќа фактурите за струја и не достави гаранција во одреден рок, во тој случај снабдувачот бара и од операторите да се прекине снабдувањето.
Од МЖ Транспорт, пак, велат пари за долгот нема. Претпријатието е загубар и се наоѓа во тешка финансиска состојба. Се надеваат дека Владата ќе најде решение за да им се помогне, затоа што ако им ја исклучат струјата штетите ќе бидат огромни.
„Тоа би било штета од енормни размери, а секако би се одразило и на стопанството и на патниците бидејќи ние сме Акционерско друштво во државна сопственост на Владата и со главна дејност од посебен општествен интерес – железнички транспорт на патници и стока и ако EВН со правото што го има според правилникот за снабдување ни исклучи електрична енергија, ќе претрпиме огромни финансиски загуби и тоа ќе се одрази на целокупниот технолошки процес на Друштвото“, се вели во дописот од претпријатието.
Транспрот со години има финансиски проблеми. Претпријатието се најде на листата на загубари, а како решение за оваа компанија се споменуваше и приватизација. Во меѓувреме стои и долгот на Клинички од околу седум милиони евра во кои влегуваат и фактури од ГОБ „8 септември“. Минисетрот за здравство Сали тврди дека проблемот настанал во време на ковид-19. Каде завршиле парите и кога ќе биде платен долгот не се знае, но се работело на решавање на проблемот.
Листата на должници за струја е долга. Износот достигна и до 40 милиони евра. Оваа сума претстваува сериозна закана за енергетскиот сектор во услови на најтешката и најдлабоката енергетска криза.
Ирена Чачкова











