По средбата без конкретен епилог, министерот за здравство и премиерот следната недела повторно ќе седнат на заедничка маса и ќе се обидат да најдат решение за понатамошното функционирање на владејачката коалиција. Во разговор за Телма, Таравари потврди дека очекува нова средба, велејќи дека се во игра сите опции, вклучително и таа да ја напушти владата.
Вицепремиерот од неговата партија, Арбен Фетаи, пак, една опција отфрла – не сака да оди во коалиција со ДУИ. На Фејсбук напиша дека со „Вреди“ научил дека политиката е мисија и не треба да се сфаќа како професија.
„Тоа не беше лесен пат, со години конфронтација со скапаната структура наречена ДУИ, која деградираше сè што допре. На барање на мојот претседател, д-р Арбен Таравари, решив да се откажам од удобниот живот во Белгија за да преземам одговорност. Дали „Вреди“ беа совршени? Не. Како и секоја заедница изградена меѓу разлики и различни истории и таа бараше време, тестирање и созревање. Јас сè уште верувам дека Алијанса за Албанците ќе остане верна на својот пат на достоинство и храброст. И дека со заедничка волја, можеме да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото управување на ДУИ. Нападите и ударите под појасот не придонесуваат за оваа мисија“, напиша Фетаи.
Во „Вреди“, пак, вратата е ширум отворена за членовите на Алијанса кои размислуваат како Фетаи.
„За нас во „Вреди“, Алијанса на Албанците (АА) е важен фактор и затоа работиме и се молиме да остане, но сигурно без елементи, чинители за кои имаат докази и веќе јавно, нели, прифаќаат дека соработувале со ДУИ и со Али Ахмети. Веќе има многу гласови во рамките на Алијанса кои не се согласуваат со нивниот претседател, кој јавно кажува дека во одредени општини се подготвени да соработуваат и со ДУИ“, изјави Билал Касами од „Вреди“.
Случувањата во владината коалиција будно се следат и од опозицијата која им прогнозира распад.
„Коалиција којашто не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред, а за тоа сведочиме секој ден, осудена е само на една работа, а тоа е неуспех“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Во однос на евентуалната соработка со Таравари на изборите, Филипче чека каков потег тој ќе повлече во наредниот период. Повтори дека нивните врати и канали за комуникација се отворени. Коалицијата им брои 14 партнери, но бараат и други.
Неговиот довчерашен партиски колега, сега претседател на Движење ЗНАМ, му порача да си го гледа сопствениот двор.
„Владината коалиција никогаш не била постабилна од овој момент и мислам дека само прогласениот лидер на опозицијата треба да се позанимава самиот со себеси и да види да не му се распадне и зградата на Бихаќка, бидејќи истата е празна, нема луѓе, за жал“, рече Димитриевски.
Од ЗНАМ го чекаат епилогот од разговорите на премиерот со Таравари, но повторуваат дека, доколку се потврди дека претседателот на Алијанса имал соработка со ДУИ, повеќе нема да го сметаат за владин партнер.
Разговараат за соработка на изборите со владините партнери од ВМРО-ДПМНЕ, а отворени се и за разговори со „Вреди“. Засега е сигурно дека ќе настапат со листи за советници во сите 50 општини во кои имаат општински организации.
Далиборка Демјанска Цветановска











