Системските слабости и недостигот на професионализам во институциите се меѓу клучните причини поради кои се случуваат трагедии поврзани со семејното и родово базираното насилство, смета Габриела Илиевска од „Поинаку“.
Според неа, проблемот е резултат на долгогодишно натрупување на непрофесионализам во институциите.
„Македонија повеќе од 20 години наназад има систем кој се трупа со непрофесионализам, па така денес го гледаме сето она што се натрупувало години наназад“, изјави Илиевска.
Таа посочи дека во институциите сè помалку се вработуваат стручни и професионални кадри.
„Во Македонија, во сите институции – дали е тоа МВР, социјалната заштита, Министерството за здравство или судството – се помалку и помалку се вработуваат професионалци. Имаме недостиг на професионализам, а системот е трул од т.н. партизирани вработувања, често без основни познавања“, нагласи таа.
Илиевска смета дека токму неказнивоста создава недоверба кај граѓаните и чувство дека ништо не може да се промени.
„Реакциите на граѓаните се бурни, а потоа ги снемува, затоа што во нашата држава никогаш никој не одговарал. Тој систем на неказнивост создава безнадежност, неверување во институциите и чувство дека сè е за џабе“, рече таа.
Таа додава дека насилството е присутно на повеќе нивоа во општеството, но ретко се третира како вистински приоритет.
„Ваквото насилство е континуирано на сите нивоа и многу ретко се зборува за него. Никој досега не го ставил во вистински приоритети и никој не се заложил од корен да го решава ова прашање“, истакна Илиевска.
Т.Д.











