Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Иран нема да преговара се додека не запрат израелските напади

/

пред 485 дена

Сподели преку :

Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, кој денеска во Женева ќе ги одржи првите разговори лице в лице со западните влади по почетокот на израелските напади, ги демантираше изјавите на американскиот претседател дека претставници на официјален Техеран барале преговори со Соединетите американски држави. Арагчи, потенцираше дека предуслов за какви било разговори е запирањето на израелската агресија.

„Ние не бараме преговори. Американците се тие кои бараат преговори. Тие испратија пораки повеќе пати, многу сериозни, но ние многу јасно им кажавме дека се додека трае оваа агресија и инвазија, апсолутно нема место за разговори или дипломатија. Ние легитимно се браниме себеси и оваа одбрана нема да запре под никакви околности. Немаме за што да разговараме со САД, кои се партнер во овие злосторства“ изјави Абас Арагчи, Министер за надворешни работи на Иран.

Шефот на американската држава, Доналд Трамп, вчера испрати порака дека во наредните две недели ќе донесе одлука дали САД ќе се вклучат во нападите против Иран, затоа што во, како што рече, во наредниот период можеби ќе има но можеби и ќе нема преговори со претставници на исламската република.

Улиците во Техеран денеска се необично тивки, по ноќта во која Израел и Иран продолжија со меѓусебните напади.

Голем дел од жителите веќе го напуштија главниот град на Иран, а оние кои останаа, во најголем дел одлучија да останат во своите домови подолг период.

Израелските одбранбени сили соопштија дека повеќе од 60 борбени авиони извршиле неколку десетици напади во Иран, со над 120 проектили.

„Воздушните сили нападнаа избрани локации поврзани со иранската нуклеарна програма, но и фабрики во кои се произведуваат проектили за војска како и сирови материјали кои се користат во проектилите. Овие цели се центарот на воената индустрија на иранското министерство за одбрана“ соопшти бригаден генерал, Ефи Дефрин, портпарол на израелската армија.

Израелските напади на Иран започнаа на 13-ти јуни, а во нив досега беа убиени најмалку 657 луѓе, вклучувајќи и 263 цивили, додека над 2000 се ранети.

Исламската република возврати со 450 ракети и 1000 дронови лансирани кон Израел, според проценките на израелската армија. Најголем дел од нив беа соборени од  израелскиот противвоздушен систем, железна купола, но не сите.

24 израелци ги загубија животите а повеќе стотици лица се повредени во Израел.

Во последните 24 часа, мета на напади беше  јужниот израелски град, Бершева. Откако вчера, со ракета беше погодена болница, при што беа повредени 70 луѓе, денеска со проектили беа погодени станбени објекти во градот, при што се повредени седум луѓе.

Никола Илиевски