Новата рамковна трговска спогодба меѓу Европската Унија и САД, постигната по неколкунеделни интензивни преговори, беше поздравена од водечките економии во ЕУ – Италија и Германија.
Премиерката Џорџа Мелони го оцени договорот како „позитивен чекор“, иако посочи дека е потребно да се видат сите детали за да се донесе конечна оценка.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека договорот спречил трговска војна и ја заштитил германската автомобилска индустрија, која ќе има корист од намалувањето на царините од 27,5% на 15%.
Но, договорот предизвика остра реакција во Франција. Лидерката на „Национален собир“, Марин ле Пен, го нарече договорот „политички, економски и морален неуспех“ и ја обвини Европската комисија дека ја жртвувала француската индустрија.
И Социјалистичката партија оцени дека Европа станува „вазал“ на САД.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, изјави дека договорот со САД е полош и од оној со Обединетото Кралство, додавајќи дека „Трамп ја изеде фон дер Лајен за појадок“.
Договорот предвидува унифицирана царина од 15% за повеќето производи од ЕУ, обврска за ЕУ да купи енергенси од САД во вредност од 750 милијарди долари, како и дополнителни 600 милијарди инвестиции во американската економија.
Иако многумина го сметаат за компромисен, договорот доведе до позитивна реакција на пазарот – еврото зајакна, а европските и американските индекси бележат раст.











