Јавниот обвинител во италијанската престолнина Рим отворил истрага против премиерката Џорџа Мелони поради репатријација на либиски командант, за кого имало потерница од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Отворањето на истрагата го потврди самата премиерка преку видео на социјалните мрежи, откривајќи дека освен неа, под истрага се и министрите за правда и внатрешни работи, Карло Нордио и Матео Пиантедосис, како и потсекретарот Алфредо Мантовано.
Аферата која произлезе од репатријацијата на Либиецот Осама Анџием, познат под псевдонимот Ал Масри, беше искористена од опозицијата за жестоко критикување на Мелони и нејзината влада. Тие ја обвинија премиерката и владата дека свесно му дозволиле на Ал Масри да се врати во Либија за да избегне апсење и судење во Хаг.
Меѓународниот кривичен суд, по неколку месечно размислување, издаде потерница за шефот на судската полиција во Триполи. Интересно, судот го направи тоа во момент кога ова лице влегувало на италијанска територија, откако претходно без никаков проблем 12 дена престојувало во три различни европски земји. Барањето за апсење од Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд не било доставено до италијанското Министерство за правда, како што е предвидено со законот, и поради таа причина Апелациониот суд во Рим одлучи да не ја потврди, вели Мелони во видеото.
Мелони тврди дека поради тoa, наместо да му дозволат непречено да престојува во Италија од безбедносни причини се одлучиле за репатријација, односно да го вратат назад во Либија.
Но, Мелони и нејзината влада беа подложени на жестоки критики, како од италијанската опозиција, така и од невладини организации за заштита на човекови права и самиот Меѓународен кривичен суд, дека го ослободиле Ел Масри врз основа на техникалија.
Јас сум отпорна на уцени, порача Мелони. Јас сум отпорна на заплашувања. Возможно ли е поради оваа причина толку многу, ајде да кажеме, не им се допаѓам на тие кои не сакаат Италија да се смени и стане подобра? Но, пред сѐ, токму поради оваа причина решена сум, со крената глава и без страв, да продолжам да ги бранам Италијанците, особено кога станува збор за безбедноста на нацијата, рече Мелони.











