Поранешната претседателка на Антикорупциска, Билјана Ивановска, влегува во трката за градоначалник на општина Центар како кандидат на граѓанската политичка платформа Независни заедно.
Најави дека во кампањата ќе се фокусира на решенија, а не на лични навреди.
Одлучив да се кандидирам за градоначалничка на Општина Центар, општината во која ги делам истите проблеми со граѓаните, во кој го дишеме истиот воздух кој за жал не е загаден само со ПМ честички туку и со многу лоши политики и со корупција која погубно делува на граѓаните. Правдата, интегритетот и одговорноста се вредности коишто ме водат цел живот и сметам дека тие може да се преточат во креативни политики, изјави Билјана Ивановска.
Во Независни заедно членуваат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“ и се во фаза на собрање потписи за формирање на партија.
„Независни за Карпош“ вчера објавија дека се повлекуваат од заедничко формирање политичка партија и на локални избори ќе излезат со граѓанска листа.
Приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори, и сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење – ќе ги искористиме тие опции, велат од „Независни за Карпош“.
Двете страни си посакаа среќа и ја оставија вратата отворена за идна сорабтка . Сметаат дека политичките партии намерно создаваат конфузија и хаос за независните иницијативи со тоа што не ги дефинираа правилата за настап на локалните избори
Во битка за Центар кандидатура најави и актуелниот градоначалник Горан Гераисмовски од СДСМ.
Трет кандидат за градоначалник на Центар веројатно ќе биде од партијата ЗНАМ кој би бил поддржан од ВМРО ДПМНЕ.
Од двете партии официјално потврдија дека во тек се разговори мегу коалиционите партнери.
Неофицијално се споменува името на Мирослав Лабудовиќ – заменик министер за енергетика.
Независна кандидатура во Куманово најави Горан Стојковски – Диро поранешен директор на кумновски Водовод .
СДСМ објави дека ќе го кандидира Мартин Костовски, а се очекува кандидатура и од актуелниот градоначалник Максим Димитриевкси.
Од ДИК најавуваат дека до крај на неделава ќе одржат јавна седница со повеќе прашања меѓу кои и Упатството за поднесување на кандидатски листи. Со него треба да се разјасни и прашањето како да се кандидираат независните листи.
Нејаснотиите настанаа, откако Уставниот суд пред два месеци ги укина членовите од Изборниот законик со кој се предвидува колку потписи треба да соберат за да се кандидираат, а нови правила не беа донесени во Собранието.
Од ДИК веќе рекоа дека независните во овој случај ќе може слободно да се кандидираат.
Елена Ивановска Мукоска











