Хуманитарната состојба во Газа и ужасот во кој живеат речиси два милиони Палестинци, продолжува да се зголемува. Во најновата ескалација, израелските сили започнаа голем напад преку земја и воздух на градот Деир ал-Балах во централна Газа, предизвикувајќи нов бран раселување на огромен број цивили кои веќе се раселени заради конфликтот.
Нападите започнаа утринава, неколку часа откако израелската армија објави наредби за евакуација до жителите на Деир ал-Балах, каде веќе живеат илјадници жители од Рафах и Хан Јунис. Израелски тенкови и оклопни транспортери влегле во градот по жестока артилериска и воздушна поддршка.
Израелците тврдат дека во овој град се чуваат дел од заложниците киднапирани од Хамас. Соочени со постојаните израелски напади, Палестинците во десетици илјади се пренесуваат од една до друга локација, во обид да најдат некакво засолниште.
„Ние сме во Деир ал-Балах и денеска имаше наредби за евакуација во градот со кои беа опфатени помеѓу 50 и 80 000 луѓе кои мора да се раселат од Деир ал-Балах во Ал-Муваси во Кан Јунис. Дел од моите луѓе живеат таму и буквално немаат каде да одат. Немаат каде луѓето да одат, никаде не е безбедно во Газа за луѓето да одат. Ситуацијата за мојот тим и другите хуманитарни работници е апсолутно очајна“ – изјави Рејчел Камингс, директорка на „Спасете ги децата“ .
Израелските напади дополнително ја зголемуваат хуманитарната катастрофа која и се заканува на Газа, предупредуваат хуманитарните работници. Повеќе од 90% од станбените објекти во Газа се срамнети со земја, вклучувајќи ги и речиси сите болници, a оние кои се уште работат, немаат ниту лекови, ниту храна.
„Ситуацијата тука е навистина ужасна. Мојот тим ми кажа денеска дека ситуацијата во Газа никогаш не била вака лоша. Тие се очајно гладни. Децата плачат за храна цело време. И мојот тим таму, тие имаат пари на сметките, но не можат да најдат храна во Газа да ја купат. Ситуацијата е навистина ужасна и луѓето мораат да прават невозможни избори да го ризикуваат животот во обид да најдат храна“ – вели Камингс од „Спасете ги децата“.
Израелската влада не им дозволува пристап во Газа на меѓународните хуманитарни организации и ОН, тврдејќи дека помошта ќе била злоупотребена од Хамас. Единствена дозвола за работа има таканаречениот Хуманитарен фонд за Газа, организација која е поддржана од САД и Израел.
Но, токму на пунктовите на оваа организација се случуваат страотни масакри на цивили, во најголем број деца и млади луѓе, кои единствено се обидуваат да дојдат до храна.
„Не сум јадел леб 15 дена. Што треба да правиме? Се соочуваме со смрт во надеж дека ќе најдеме едно кило брашно. Барем да успеевме, ништо не можеме да направиме. Не добиваме брашно, луѓето умираат и мора пак да се враќаме“ – вели палестинскиот бегалец, Ехаб ал-Зеин.
Израелските одбранбени сили, кои за себе тврдат дека биле најморалната армија во светот, се правдаат дека војниците отвораат оган кон илјадници Палестинци кои претставувале закана. Ги негираат и податоците за бројот на цивилни жртви.
Палестинците пак претставуваат поинаква слика, поткрепена и со грозоморни снимки од безживотни тела, често и на малолетни деца. Вестите за повеќе десетици убиени и ранети цивили се секојдневие.
Како знак за тоа што допрва може да следува, доколку рамнодушноста на меѓународната заедница продолжи, Палестинците соопштија дека најмалку 19 Палестинци починале од глад во последните 24 часа.
Никола Илиевски











