Израелската армија соопшти дека завршила со елиминирањето на борбените способности на Хамас во северниот дел на Појасот Газа. Портпаролот на Израелските одбранбени сили, адмиралот Даниел Хагари изјави дека во тој дел на појасот сѐ уште има борци на Хамас, но тие дејствуваат изолирано и без командна структура.
Го комплетиравме демонтирањето на воената организација на Хамас во северна Газа и ќе продолжиме со ова, зајакнувајќи ја бариерата и одбранбените компоненти долж безбедносната ограда. Сега се фокусираме на демонтирање на Хамас во централна и јужна Газа. Ова ќе го направиме на поинаков начин, темелно, врз основа на лекциите кои ги научивме во досегашните борби, изјави адмиралот хагари.
Дека војната ќе продолжи се до постигнувањето на зацртаните цели порача и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој исто така упати и уште едно предупредување до Хамас, откако во текот на вчерашниот ден на северната граница на Израел беа забележани досега најсериозните судири со борците на Хезболах од Либан. Преходно, лидерот на Хезболах, ги повика своите борци да се одмаздат за атентатот на заменик лидерот на Хамас во Бејрут минатата недела.
Му препорачувам на Хезболах да го научи тоа што Хамас го учи изминативе месеци. Ниту еден терорист не е имун, а ние сме одлучни да ги заштитуваме нашите граѓани и безбедно да ги вратиме во нивните домови на север. Ова е национална цел на сите нас и ние одговорно дејствуваме за нејзино остварување. Ако можеме ќе го постигнеме тоа на политички начин, но ако не, тогаш ќе дејствуваме на други начини, изјави нетанјаху.
Војната во Газа влезе во четвртиот месец, и голем дел од густо населениот појас е во рушевини поради израелските воздушни напади и копнената операција кои започнаа по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година. Палестинските милитантни убија повеќе од 1.200 Израелци, најголемиот дел од нив цивили, а околу 240 беа киднапирани и одвлечени во Газа.
Речиси половина од нив беа ослободени преку дипломатски договори и размена на заробеници, што значи дека околу 120 сѐ уште се наоѓаат некаде во Газа. Од своја страна Хамас пак тврди дека од почетокот на војната Израел убил повеќе од 22.000 Палестинци.
Игор Трајков











