Израелската армија потврди дека нејзини единици ја преминале границата со Либан, и спроведуваат ограничени, локализирани и прецизни рации против ќелии на Хезболах во јужниот дел на земјата. По недела и половина бомбардирање и ликвидации на неколку лидери на Хезболах, вклучувајќи го и Хасан Насрала, Израел го ескалираше конфликтот на повисоко ниво.
Ако државата Либан и остатокот од светот не можат да го повлечат Хеболах од нашата граница, тогаш ние немаме друг избор освен тоа да го направиме самите. Сакам да бидам јасен: Ние војуваме против Хезболах, не со народот на Либан. Не сакаме да им наштетиме на либанските цивили, и преземаме мерки да го спречиме тоа. Нема да дозволиме да се повтори 7 октомври на било која од нашите граници. Ќе продолжиме да правиме сѐ што е потребно за израелските семејства безбедно да се вратат во своите домови, изјави портпаролот на ИДФ, адмиралот Даниел Хагари.
Соопштувајќи го почетокот на копнената фаза од операцијата против Хезболах, Израел обвини дека либанската организација се подготвувала сама да изврши инвазија на северниот дел од земјата, и да масакрира цивили како што тоа го направи Хамас на 7 октомври минатата година.
Тие го нарекуваат тоа „План за освојување на Галилеја“. Со децении, Советот за безбедност на ООН го повикуваше Либан да гарантира дека на негова територија нема илегални вооружени групи. Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност, усвоена во 2006 во договор со Израел и Либан, налага да нема други вооружени лица освен оние во служба на владата на Либан и УНИФИЛ во јужниот дел на Либан, рече хагари.
Слично на Хамас во Појасот Газа, и Хезболах има изградено цела инфраструктура на тунели и бункери низ планинскиот регион долж границата со Израел. Освен тоа, се смета дека организацијата има најмалку 10.000 обучени активни борци, и најмалку уште толку „резервисти“. Заменик лидерот на Хезболах, шеикот Наим Касем порача дека организацијата долго време се подготвува за војна со Израел. И иако тој тврди дека продорот на израелските војници бил запрен со масовен ракетен бараж, засега нема информации за борби помеѓу Израелските одбранбени сили и борците на Хезболах.
Игор Трајков











