Израелската армија елиминираше висок командант на Хезболах во Либан, откако изминативе денови зачести размената на оган на северната граница. Командантот бил убиен во автомобил во движење во јужен Либан, заедно со уште две лица, во напад кој бил извршен со беспилотно летало.
Овој потег на Израел доаѓа среде блиц турнејата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на регионот, во која посетува по две земји на ден, обидувајќи се да обезбеди подршка од соседите на Израел и регионалните играчи поддршка за ограничување на конфликот само на Појасот Газа.
Но, уште од почетокот на војната во Газа, не е мал бројот на припадници на безбедносната заедница во Израел кои повикуваат на поширока офанзива на северот против Хезболах, и покрај заканите кои постојано пристигнуваат од неговиот лидер, Хасан Нарсала, дека Израел ќе зажали ако се осмели повторно да влезе во Либан. Дури и шефот на израелскиот генералштаб Херзи Халеви, повеќе пати повторуваше дека војната во Газа, отвора нови можности за Израел долгорочно да ја гарантира својата безбедност.
Оваа војна започна во тежок момент, мислам дека веќе зборувавме за тоа, нема пак да се повторуваме. Но, оваа војна исто така создава, во овие многу тешки околности, шанса за на значителен начин да се промени ситуацијата, на југот, на северот, и воопшто регионалната ситуација, изјави пред неколку денови Халеви.
За безбедносните експерти ова е пресметан потег на Израел, независно што Хезболах веќе долго време се заканува дека ќе плати висока цена. Но, освен спорадичното гранатирање на израелската територија, и изолираните упади, Хезболах до сега не се осмели на повеќе. Последниот пат кога овие две страни војувааа, во 2006 година, навистина платија висока цена, но Либан плати уште повисока, и независно што Хезболах ужива голема поддршка во Либан, сѐ уште не се избледени сеќавањата од уништувањето и тешката економска криза во која западна земјата после војната пред 18 години.
Во исто време коа беше извршена ликвидацијата на командантот на Хезболах, израелскиот премиер Нетанјаху беше во посета на војниците распоредени долж либанската граница, од каде порача дека Хезболах згрешил што ги предизвикал во 2006 година, а греши што ги предизвикува и сега.
Ќе направиме сѐ за да ја обновиме безбедноста на северот, да им дозволиме на вашите семејства, бидејќи многумина од вас сте локалци, да се вратат во своите домови, и ќе им покажеме дека не треба да нѐ предизвикуваат. Ќе направиме сѐ што е потребно. Секако, претпочитаме тоа да биде направено без да има потреба од широка кампања, но тоа нема да нѐ спречи. Им дадовме пример што им се случува на нивните пријатели на југот, истото ќе се случи и овде на северот. Ќе направиме сѐ за да ја обновиме безбедноста, порача денеска Нетанјаху.
Секако, постои можност Израелците погрешно да ја имаат протолкувано воздржаноста на Хезболах, но ова нема да биде прв пат Израел истовремено да војува на повеќе фронтови.
Игор Трајков











