Ванчомихајловистите од Битола клекнаа на колена пред споменикот во Бугарските воени гробишта во Цапари, каде заедно со високата делегација од Бугарија, предводена од потпретседателката Илиана Јотова, го чествуваа верскиот празник Задушница.
На настанот се интонираа химните на двете држави, Македонија и Бугарија, но сепак не изостана и познатата националистичка реторика во официјалните обраќања.
„Бугарските војници веруваа во ослободувањето на сите Бугари, во обединувањето на Бугарија, во обединувањето на сите нас. Затоа е нашата почит кон нив. Да се потсетиме тука во ова место што кажуваа локалните жители, дека многу војници се погребани тука на овие гробишта, а други на селските гробишта, затоа што за народот Бугарите беа свои. Нема поголема вистина од тоа. Колку и страници да бидат напишани, колку и анали да се отворат, вистината е таа што ја раскажуваат луѓето, рече Илиана Јотова, потпретседателка на Бугарија.
Пред присутните се обрати и поранешниот претседател на Бугарија Ѓеорѓи Прванов, која и се заблагодари на Македонија за одржувањето на бугарските гробишта и споменици. Рече дека ова е ден за одавање почит на сите оние кои ги дадоа своите животи за бугарската национална идеа
„Повторно сме заедно на војничка задушница, време е за длабока почит кон оние што ги жртвуваа животите за нашата национална идеја. Секогаш кажувам дека војните што ги водела нашата Армија се праведни војни, тоа се војни за ослободување на нашите сонародници и обединување во една национална држава“ – рече Ѓеорѓи Прванов поранешен претседател на Бугарија.
На чествувањето на Бугарските воени гробишта во Цапари каде се погребани 214 бугарски војници кои загинаа на Битката на Пелистер во Првата светска војна, покрај официјаланата бугарска делегација и членовите на здружението Ванчо Михајлов од Битола, присуствуваа воени аташеа на неколку држави, како и други гости. Покрај положените венци некои на споменикот оставија врамени фотографии на чети и војводи и фотографија на Тодор Александров. На чествувањето на Бугарските воени гробишта немаше жители од битолското село Цапари.
Емилија Мисирлиевски











